Не може да има уставни измени без некаква правна и политичка гаранција, вели Сиљановска-Давкова


Ако уставните промени биле делотворни и воделе кон забрзување на патот кон Европската Унија (ЕУ), ние денес ќе претседававме со ЕУ, изјави денеска претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, коментирајќи ги пораките што доаѓаат од Брисел и од претставници на земји членки на Унијата дека уставните измени се услов земјава да продолжи со преговорите за членство.

„Ама не е така, и сигурно ние мора да посегнеме по самоодбрана, зашто што ако и ова биде една од многуте измени. Тука очекувам некаква гаранција. И ќе ме прашаат каква. Па, правна и политичка, Кој треба да ја даде? Па, сигурно не ние, туку оној што ја донел преговарачката рамка и ги донел заклучоците“,
изјави Сиљановска-Давкова одговарајќи на новинарски прашања по посетата на училиштето „Партениј Зографски“ во Скопје.
Прашана во врска со протестите и политичките турбуленции во Бугарија и како тоа ќе се одрази на односите со нашата земја и барањата за уставни измени, претседателката на државата кажа дека таквите случувања кај нашиот сосед секогаш се рефлектираат на актуелните прашања, меѓу кои и на прашањето кон нас.
„Се надевам дека, да, и таму ќе се решат проблемите. Jас не можам да кажам како, дали преку уште едни предвремени избори или со рекомпонирање на самата коалиција, но важно е да има влада која што ќе може да ги води работите во државата. Да, го чув и претседателот (на Бугарија, Румен Радев н.з.) којшто повикува на предвремени избори повторно. Тоа е значи бугарската реалност. Што се однесува до нас. Да. Јас деновиве го чув ставот уште еднаш на Европскиот совет врзан за нас, односно за уставните измени како услов за одржување на втората меѓувладина конференција“,
изјави Сиљановска-Давкова.
За потсетување, коалицијата Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија (ПП–ДБ) најави дека в петок ќе поднесе барање за гласање недоверба на владата на премиерот Росен Желјазков.
Ова во видеопорака на Фејсбук го соопшти лидерот на ПП, Асен Василев, кој рече дека следната недела, кога во парламентот ќе се води расправата, ќе се одржи уште поголем протест на кој опозицијата јасно ќе порача „Доста е“ и ќе повика да се даде шанса за иднината на Бугарија.
Вчера и бугарскиот претседател Румен Радев повика владата на Бугарија да поднесе оставка, а во земјата да се одржат предвремени парламентарни избори. Повикот уследи по масовните протести во Софија и неколку други градови во Бугарија на кои граѓаните го изразија незадоволството во врска со буџетот за 2026 година.
Говорејќи за уставните измени и барањето излезни решенија, претседателката Сиљановска-Давкова посочи на уставните гаранции во бугарскиот Устав во однос на малцинствата, за кои рече дека ако се споредат со оние во нашиот Устав, може да се види огромна недоследност.
„Значи јас би била прва што ќе бара уставни измени, доколку правата на бугарското малцинство кај нас се загрозени. Меѓутоа не јас, туку телото што го создаде Советот на Европа, а на чии одлуки се повикува и ЕК и Европскиот совет, тоа е Венецијанската комисија, јасно кажува дека ние немаме уставни проблеми во поглед на заштитата на правата на малцинствата, бидејќи сме ги инкорпорирале во Уставот највисоките стандарди, како преку интегрирање на Рамковниот договор во Уставот, а тој е во преамбулата посочен за разлика од нашиот сосед“,
изјави претседателката.
Надоврзувајќи се во одговорот, таа кажа дека нејзината дилема е колку е човечки и колку е политички да не може да се формира културно здружение во Бугарија, а во пописот на населението таму да нема графа Македонци.
„Уште еден податок којшто е многу важен. И во Бугарија имаше попис во 2021 година, и таму на пописот 3 500 луѓе декларирале дека мајчин јазик им е македонскиот, а како Македонци се изјасниле, така таму пишува, 1 300 и не знам колку. Сега, пазете значи, во одговорот на ЕКРИ, бугарските власти одговараат дека во прашање се граѓани кои се изјасниле како Македонци, под наводници е ставено тоа „Македонци“, и тоа незначителен број за да уживаат посебна заштита“,
рече Сиљановска-Давкова.
Државните знамиња на РС Македонија и на Р Бугарија (Илустративна фотографија) /
Во однос на прашањето за уставните измени, таа повтори дека очекува креативност од Европската Унија.
„Многу пати (Европската Унија н.з.) ја афирмирала креативноста, многу пати, кога била заинтересирана, но никогаш кога сме ние во прашање. Јас знам дека за протокол треба согласност од двајцата министри за надворешни работи, меѓутоа еве тоа беше едно од можните решенија. Исто така, бидејќи нам ни требаат гаранции. Досега, не сме имале гаранции и сега ние мора да се самозаштитиме, како што умно квалификувано оценува професорот Огнен Вангелов. Значи мораме да се самозаштитиме“,
кажа Сиљановска-Давкова.

Back to top button
Close