(Видео) „Ги подготвивме бомбите“ – Филипче бара европската обвинителка да дојде во Македонија за да се увери во корупциските злоупотреби

Во пресрет на нови политички тензии, потпретседателот на СДСМ Венко Филипче најави дека утре ќе биде објавен нов скандал кој, според него, инволвира лица поврзани со владејачката структура. Тој тврди дека опозицијата располага со документи кои укажуваат на сериозни злоупотреби.
„Ги спремивме новите бомби, 2.0. Утре следува нов скандал – за сè имаме документација“, изјави Филипче, алудирајќи на можен нов бран материјали со политичка тежина.
Во истата изјава, Филипче искажа и јавно обраќање до европската обвинителка Лаура Ковеши, повикувајќи ја да ја посети Македонија и да се запознае со, како што тврдеше, злоупотреби поврзани со европските фондови и ИПАРД програмата.
„СДСМ ја повикува Лаура Ковеши лично да се увери во злоупотребите на ВМРО-ДПМНЕ со европските фондови. Станува збор за 130 милиони евра. Наместо одговорност по апсењето на директорот за Финансиска поддршка, добиваме само спинови и префрлање вина врз опозицијата“, рече тој.
Филипче додаде дека, според нив, злоупотребите ги правеле лица блиски до премиерот и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Очекуваме со ангажман на Ковеши овој случај конечно да се расчисти. Македонија не смее да биде темен вилает каде може да се ризикува европската перспектива и парите на граѓаните“, нагласи Филипче.






