Коцевски: Состојбата со Ковид-19 во Велес е стабилна, но граѓаните да внимаваат
Градоначалникот на Велес Аце Коцевски оцени дека ситуацијата со Ковид-19 е стабилна, но тој истовремено потенцира дека велешани треба да бидат внимателни поради враќањето на сограѓаните од годишните одмори.
Тој информира дека во последните 24 часа во Велес и велешко нема новозаразени и оздравени лица, меѓутоа се очекуваат резултатите и од неколку приватни клиники.
Вкупниот број на регистрирани случаи од Велес и велешко изнесува 265 лица, од нив 225 се оздравени, 26 активни од Велес и велешко и 14 починати.
Од активните случаи, 19 се на домашно лекување, седум се на инфективното одделение во Општата болница во Велес, а нема посериозни случаи на Инфективната клиника во Скопје и во Градската општа болница во Скопје.
Градоначалникот информира дека сите вработени во ООУ „Васил Главинов“ во Велес кои имале контакти со наставничката која е позитивна на Ковид-19 се во домашна изолација и на 2 септември се враќаат на своите работни места.
– Изменета е методологијата за пресметување кога се стекнуваат условите за некој да биде констатирано дека е оздравен. Сè уште тоа не е соодветно разработено од страна на матичните лекари“, појасни Коцевски.
Тој истакна дека СВР Велес на подрачјето на Велес и велешко врши контрола на 35 лица кои имаат решенија за домашна изолација и немало непочитување на правилата.