Од „прокси“, војната во Украина станува директен судир меѓу Русија и НАТО
Една руска поговорка вели дека лош мир е подобар од добра војна. Дали? Можеби ова е прашање за некои минати времиња кога, кога според Клаузевиц, војната била само продолжување на дипломатијата со други средства. Но денес, во нуклеарната ера,кога војна меѓу нуклеарните сили не е никакво продолжение на ништо туку дефинитивен крај на се, треба да се има на ум што рекол и еден друг човек.

Не знам, рекол Алберт Ајнштајн, со какви оружја ќе се води Трета светска војна, но знам дека Четврта светска војна ќе се води со стапови и камења. И додека последната ваква криза, предизвикана со поставувањето на советски ракетни системи на островот Куба во 1962, со трескавични напори на Кенеди и на Хрушчов, се реши во рок од седум дена, со повлекувањето на ракетите поставени на 90 милји од границите на Америка, денешниот судир во Украина трае веќе четврта година без повлекувањето на НАТО од Украина.
Каде исчезна стравот од нуклеарна војна, е прашање кое што често ми се наметнува. Мирот, по Втората светска војна, беше производ на рамнотежата на стравот меѓу двете големи нуклеарни сили – СССР и САД. Стравот беше голем затоа што сите живеевме со сликите од ужасите на војната и од америкаските нуклеарни експлозии врз Хирошима и Нагасаки. Дотолку што, децата во училиштата во Америка минува низ обуки за заштита од нуклеарен напад, во подруми или под клупи. Антинуклеарните сентименти кај студентите, пак, се преточија во меѓународни активности под мотото „Подобро денес активен отколку утре радиоактивен!“. Тука беше и Движењето на неврзните, создавајќи еден безбедносен кордон на неутрални држави кој овозможи простор меѓу двата блока. После Втората светска војна беше формирана и Организацијата на обединетите нации чија примарна улога беше одбрана на светскиот мир. Мирот, значи, беше на врвот на политичката агенда во светската политика од сосема разбирливи причини: свежи беа сеќавање најдеструктивната војна во историјата на човештвото, во која загинаа 15 милиони војници и преку 38 милиони цивили.
И повторно прашањето: каде исчезна стравот кај актуелните европски и американски политичари кои бараат победа во идеолошкиот судор меѓу „демократијата“ и „автократијата“. Кога разумот ни вели дека, во реалната политика одлучуваат односите на моќ а не моралните теми или супериорноста на идеологијата, а дека разумот често капитулира пред емоциите, не сме далеку од заклучокот дека светскиот мир се наоѓа во еден многу опасен момент. Имено, за да има мир, се бара од досегашниот хегемон, Америка, да се прилагоди на новата прераспределба на светската моќ во, барем,трицентри – Вашингтон, Пекинг и Москва. Прилагодување на новата реалност е тешка ситуација, било во домашната или во меѓународната политика. Така е тоа секогаш со оние кои имале ексклузивна моќа а сега треба да ја споделуваат со други. Но, ете, од сите умни луѓе, токму Доналд Трамп ја разбира реалноста на еден нов мултиполарен свет, ја разбира опасноста од нуклеарна војна со Русија, дека е загубена војна на Украина, , разбира дека нема НАТО туку има неутралност за Украина и дека ако не се отстапат освоените територии на Русија денес, тие загуби ќе станат уште поголеми утре. Зашто ако се чека со мировниот договор кој е на маса сега, Русија може да ја освои Одеса и црноморскиот брег и Украина да остане остане без излез на море.Тоа би било вистинска катастрофа за Украина.
Растени во униполарниот момент кога со светот командуваше само една голема сила, сегашниве генерации политичари во Европа, не можат да ја прифатат новата реалност. Станувајќи „поголеми Папи од Папата“ и откажуваат послушност на администрацијата на Трамп за лош мир со Русија. Јавно, во идеолошката војна со Русија, тие се непоколебливи бранители на демократското право на народот на Украина да стане членка на НАТО, на неповредливоста на границите и на демократијата. Се повикуваат на славните зборови на Черчил за битка до победа против Хитлер, ама збораваат дека Черчил им се обраќал на британските а не на украинските војници, како што тоа го прават европските политичари денес, спермни да се борат до последен Украинец.
Војната во Украина влегува во една многу опасна фаза. Некни, кога беа погодени руски танкери во Црното море, Москва одговори со ракетен напад врз зградата во приморскиот град Одеса во кој биле сместени француски офицери кои се меѓу жртвите. Од прокси, војната во Украина станува директна војна помеѓу НАТО и Русија. Што ќе прави Трамп? Или ќе тресне на маса и ќе им рече на европските политичари дека тој е НАТО и мора да го слушаат и да престанат со опасните провокации или ќе ги повлече своите трупи од Европа – околу 100,000 распоредени од Балтикот до Романија. Во спротивно, ризикува неговата држава да биде вовлечена во директен судир со ривалската нуклеарна сила Русија. Но добри вести нема од боиштата. Последниве 24 часа извршен е успешен напад на украински дронови врз руска нуклеарна база длабоко во територијата на Русија. Тоа, според руската нулеарна доктрина е знак за црвена тревога. Се смета дека напад со таква прецизност и со таков уништувачки ефект не би можел да се изврши без активна поддршка на воените и известителните служби на големите западни сили. И наместо светска узбуна да се избегне нукеарна размена, молк. Каков ќе биде одговорот на Москва?






