Фон дер Лајен: Со замрзнатите руски средства можеме да направиме вистински пресврт за Украина и за Европа
Нема поважен чин за европската одбрана од поддршката на Украина, за што клучни ќе бидат следните денови, порача денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќањето пред Европскиот парламент посветена на утрешниот Самит на ЕУ во Брисел, на кој главна тема ќе биде планот за т.н. заем за репарации за финансирање на Киев.

– Од нас зависи како ќе ја финансираме борбата на Украина. Ја знаеме итноста. Таа е акутна. Сите ја чувствуваме. Сите ја гледаме. Како што се засилуваат мировните преговори, така се засилува и интензитетот на руските напади. Но, Русија не ја има на нишан само Украина. Таа ги зголемува своите операции на територијата на ЕУ и се префрли на целосна воена економија. Ова е директна закана за националната и економската безбедност на Европа, рече Фон дер Лајен.
Од тие причини, таа нагласи дека предложила две опции за обезбедување на овие средства за поддршка на Украина – со користење на замрзнатите руски средства во ЕУ и преку дополнително задолжување на Унијата.
– Минатата недела се согласивме за замрзнување на руските средства на неопределено време. Ова е клучен чекор што испраќа силна политичка порака. Тоа значи дека руските средства ќе останат замрзнати сè додека не одлучиме поинаку, сè додека Русија не ја запре војната и соодветно не ја компензира Украина за сите направени штети. Со средствата замрзнати на неодредено време, можеме да го претвориме ова во вистински пресврт за Украина и за Европа, рече Фон дер Лајен, додавајќи дека тука воедно станува збор и за зголемување на руските трошоци за војната.
Според Фон дер Лајен, проценките на ЕУ покажуваат дека потребите на Украина се нешто над 137 милијарди евра годишно за 2026 и 2027 година, а Европа треба да покрие две третини од тоа.
– Не станува збор само за бројки, туку и за зајакнување на способноста на Украина да обезбеди вистински мир. Мир кој е праведен, траен, кој ги штити и Украина и Европа, рече претседателката на ЕК.
Фон дер Лајен истакна дека овонеделниот Самит на ЕУ претставува соочување со актуелната реалноста во еден свет на војни и предатори, што стана „опасен и трансакциски“.
– Реалноста на овој свет значи дека ние, Европејците, мора да се одбраниме и мора да се потпреме на себе. Ние, Европејците, не можеме да дозволиме да нè дефинираат погледите на светот на другите. Никој од нас не треба да биде шокиран од она што другите го велат за Европа, рече Фон дер Лајен.
Таа се осврна и на оценките во американската Стратегија за национална безбедност дека уделот на ЕУ во глобалниот БДП се намалил од 25 отсто во 1990 година на сегашните 14 проценти, посочувајќи дека во истиот период се бележи и пад на уделот на САД од 22 на 14 отсто, што во голема мера се должи на растот на кинескиот удел од четири на 20 проценти.
– Таа е симптом на реалноста на денешниот свет. Затоа, нашата задача на Самитот оваа недела е да покажеме дека сме фокусирани на нашите стратешки интереси и наши приоритети. Сакам да го повторам она што го кажав токму на ова место за време на моето обраќање за состојбата на Унијата: Ова е моментот на независноста на Европа, додаде Фон дер Лајен
Според неа, на почетокот многумина биле скептични кон користењето на терминот „независност“, но ЕУ покажала дека може го направи невозможното можно во повеќе сектори, од одбраната, до енергијата и е подготвена да направи и повеќе.
– Мора да одиме понатаму и мора да се движиме брзо. Без разлика дали станува збор за нашата безбедност, нашата економија, нашата демократија. А тоа е особено важно кога станува збор за одбраната и безбедноста. Суштината е едноставна – Европа мора да биде одговорна за сопствената безбедност. Ова повеќе не е опција. Тоа е задолжително, истакна претседателката на Еврокомисијата.
Фон дер Лајен додаде дека во денешниот свет независноста е толку важна затоа што е поврзана со слободата на одлучување за себе, дејствување според сопствената желба, следење на сопствени интереси и партнерства.
– Слобода да гласаме за кого сакаме без да бидеме притиснати или подложени на манипулативни информации. Слобода да избереме различност, демократија. Но, пред сè, станува збор за слободата да живееме онака како што сакаме – на европски начин. Нашите култури и традиции се толку различни и толку суштински за нашиот начин на живот. Ова е она што нè поврзува. И кога сме обединети, ние сме незапирливи. И јас сум длабоко горда на тоа. Нашите разлики не нè разделуваат. Ги славиме нашите култури. Тие нè поврзуваат како Европејци. А гордоста што ја имаме во Европа е она што нè поврзува. Затоа, додека гледаме кон иднината, ве охрабрувам да бидете сигурни во она што можеме да го постигнеме во нашата потрага да бидеме силна, независна Европа, заклучи Фон дер Лајен во обраќањето.






