Еврото нагло паѓа во однос на доларот: Почна ли нова криза?
Вредноста на еврото во однос на доларот падна на најниско ниво во последните 17 месеци. Тоа ќе ја влоши инфлацијата во ЕУ, каде инвеститорите се веќе загрижени поради францускиот долг. Дали се наѕира фискална криза?

Еврото во понеделникот (5.10) достигна најниско ниво во последните 17 месеци во однос на американскиот долар, бидејќи загриженоста околу долгот на еврозоната, особено во Франција, се надоврза на веќе постојните стравувања на инвеститорите поврзани со приносите на државните обврзници ширум светот и растечките цени на нафтата.
Еврото бележи пад во однос на доларот во поголемиот дел од 2026 година и од почетокот на годината ослабе за околу пет проценти. Во понеделникот достигна вредност од 1,12 долари, што е најниско ниво од почетокот на 2025 година.
Рикардо Амаро, главен економист за еврозоната во „Оксфорд економикс“, за ДВ изјави дека општиот пад може да се објасни со преоценувањето на очекувањата на инвеститорите во врска со политиката на американските Федерални резерви, конкретно со очекувањата за повисоки каматни стапки во услови на растечки приноси на глобалните обврзници.
Сепак, според него, најновата распродажба била поттикната особено од загриженоста за Франција, каде што „инвеститорите се позиционираа за повисок фискален ризик“.
Проблемот Франција
Распродажбата на француските должнички хартии од вредност дополнително се засили минатата недела, бидејќи се зголемуваат сомнежите околу нивната долгорочна одржливост. Приносот на француските десетгодишни државни обврзници, односно цената што Франција мора да ја плати за задолжување во период од десет години по издавањето на обврзниците, достигна пет проценти пред благо да се намали.
Франција долго време се соочува со структурни фискални проблеми. Откако претседателот Емануел Макрон ја презеде функцијата во мај 2017 година, јавната потрошувачка порасна, додека истовремено беа воведени значителни даночни олеснувања. Како резултат на тоа, државниот долг на земјата е зголемен за повеќе од илјада милијарди евра ($1.12 билиони).
Односот меѓу долгот и брутодомашниот производ на Франција сега изнесува речиси 118 проценти. Земјата континуирано има неурамнотежени буџети. Годишниот буџетски дефицит редовно надминува пет проценти, во споредба со 3,4 проценти кога Макрон дојде на власт.
Кај многу инвеститори, пошироката загриженост поради нискиот економски раст во еврозоната и наглиот раст на цените на енергијата придонесе вниманието повторно да се насочи кон Франција. Поради тоа, дел од нив се повлекуваат кон инвестиции што се сметаат за побезбедни, како германскиот државен долг.
Разликата меѓу приносите на француските и германските десетгодишни државни обврзници минатата недела достигна највисоко ниво од кризата со долговите во еврозоната, што внимателно се следи како показател за финансиската стабилност на Европската Унија.
Што може да направи ЕЦБ?
Притисокот врз еврото и врз другите пазари на државни обврзници, вклучително и италијанските, доведе до повици Европската централна банка (ЕЦБ) да преземе мерки за да спречи загриженоста околу Франција да прерасне во паника.
Џим Рид од „Дојче банк“ во белешка објавена во понеделникот наведе дека во еден момент минатата недела разликата меѓу германските и француските обврзници станала толкава што се појавила опасност од „мини-паника“.
„Големото прашање е дали ова е почеток на нова криза со државниот долг во еврозоната или пазарите веќе претераа со реакцијата“, изјави тој.
Рикардо Амаро оценува дека ситуацијата претставува предизвик за ЕЦБ, бидејќи таа мора да реагира без дополнително да ја влоши состојбата.
„Претерано остар тон од страна на ЕЦБ би додал уште поголем притисок врз приносите на француските обврзници, кои станаа важен двигател на слабеењето на еврото“, потенцира тој.
Амаро очекува креаторите на политиките и натаму внимателно да ги следат движењата меѓу доларот и еврото, но засега да не се обидуваат директно да влијаат врз пазарот.
Неизвесноста е голема поради истовремените политички и економски притисоци. Франција во последните години се соочува со политички кризи, при што усвојувањето на годишните буџети стана важен тест за стабилноста на владата.
Иако буџетот за 2027 година е договорен и вклучува реформи за намалување на дефицитот, десничарската партија Национален собир останува во силна позиција пред претседателските избори во 2027 година, на кои Марин Ле Пен најверојатно ќе биде главна кандидатка.
Стравувањата за економската политика на Франција во случај Ле Пен да победи на изборите ги загрижуваат инвеститорите. Слично на тоа, подемот на популистичката Алтернатива за Германија (АфД) отвори прашања за идната насока на најголемата економија во Унијата.
Голем дел од политичката нестабилност е поттикнат од незадоволството на гласачите поради високите трошоци за живот. Во Шпанија, премиерот Педро Санчез распиша предвремени избори откако парламентот ги отфрли мерките за справување со станбената криза.
Амаро предупредува дека ослабеното евро може дополнително да го влоши проблемот со инфлацијата.
„Поизразеното слабеење на еврото би го засилило инфлаторниот шок во период кога веќе се очекува инфлацијата да остане висока и во 2027 година“, вели тој.
Послабото евро би ги зголемило трошоците за увезените производи, особено за оние што се плаќаат во американски долари. Глобалните суровини, како што се нафтата и гасот, се тргуваат во долари, што значи дека дополнително би поскапеле и енергентите и увозот од САД.
Нова финансиска криза?
Со оглед на тоа што спомените од должничката криза што ја погоди Европската Унија во раните 2010-ти години сè уште се свежи, многу набљудувачи почнуваат да се прашуваат дали случувањата поврзани со францускиот долг може да најавуваат нова криза во еврозоната.
Некои аналитичари, меѓу кои и Џефри Ју од Банката на Њујорк (BNY), сметаат дека ваквите стравувања се претерани.
„Споредбите со 2012 година се далеку од реалноста“, рече тој.
Сепак, Амаро предупредува дека очекуваните дополнителни зголемувања на каматните стапки од страна на ЕЦБ оваа година, во комбинација со влошените изгледи за инфлацијата, создаваат ситуација што мора внимателно да се следи и управува.
„Слабеењето на еврото не треба да се толкува како изолиран развој на настаните. Ако е предизвикано од растечките грижи за фискалните изгледи на Франција, тогаш ЕЦБ сигурно ќе сака внимателно да постапува поради ризиците за еврозоната“, смета тој. (ДВ)






