Резолуција над сите резолуции

м-р  Глигор Стоименов

“Среќна Нова 1949“, викна еден пратеник во Собранието!! Ете и тоа се случи, уште ова го немавме видено, во Собранието се изгласа “Резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата во врска со мигрантите“, така некако беше. “Контра резолуција“ на најавената резолуција на опозицијата!

Во периодот од 1991 година па наваму, периодот на демократска и самостојна Македонија се менувале разни влади предводени од ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ, но никој до сега, ама баш никој, ниту една партија до сега не помислила да предложи вакво нешто во Собранието, “Резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата“. Дали Ви се верува??? А кој е тој неприкосновен “суверен“, кој е тој врховен орган кој одлучува што е манипулација а што е вистина??  Замислете тоа била партијата на власт!! Само во тоталитарни општества партијата која е на власт обично одлучува да биде единствен мериторен орган кој кажува што е манипулација а што е вистина!! Во демократија тоа не постои. Ова е до сега невиден преседан, особено што се работи за земја која е апликант за ЕУ и полноправна членка на НАТО. Навистина загрижувачка ситуација која ќе одекне силно во демократскиот и парламентарен живот ширум Европа.

Се чудат и самите членови на партијата, ме прашува зачудено деновиве една пријателка и поранешна колешка од владејачката партија, “Зошто кога ВМРО е на власт ми вели, се случуваат вакви работи“, се прашува самата таа, онака налутено гледајќи го сето ова што се случува, јас и реков дека уште долго ќе се прашува.

Инаку кога сме веќе кај резолуциите, ако до сега се гласале вакви Резолуции во парламентот за осуда на манипулациите на политичките партии, за ВМРО-ДПМНЕ ќе треба секој ден да гласаме по една резолуција, не треба ништо друго Собранието да работи. Каков апсурд човече?? Политичката партија која е неприкосновен “суверен“ на манипулациите, денес носи Резолуција против манипулациите, ама на другите, нивната вистина е неприкосновена. Како што тргнале вака очекувам дека ќе го прошират бројот на министерствата и ќе воведат ново “Министерство на вистината“!!!

Вистинската “Резолуција над сите резолуции“ која треба да се донесе во Собранието е онаа Резолуција која ќе ги осуди сите манипулации кои му се прават на македонскиот народ во овие изминати години а се однесуваат на идентитетот, јазикот, гаранциите и сите останати работи!!! Тоа треба да биде Резолуција со која ќе се осуди оваа манипулација со умисла, која има за цел да ја држи гневна нацијата и да ја води во друг правец надвор од ЕУ, со една и единствена цел, “власт по секоја цена“!!!  Каде е оваа Резолуција??? Тоа ни треба нас.

Демократските институции и слободата на говор се веќе силно на удар. Сите се прашуваме што се случува? Авторитарниот порив и инстикт, како и желбата за власт што ја има оваа политичка гарнитура ги заслепува сосема за да ја разберат и суштината на тоа што го направија со оваа Резолуција како и со начинот на практикување на власта. Тие како да не ја разбираат всушност смислата на демократијата, тоа е опасно?? Утре може да донесат друга ваква Резолуција со која ќе ги осудат на пример “манипулативните говори упатени кон нивниот лидер“ се може после ова да им текне, едноставно не разбираат што направија?? Ова треба да биде јавно осудено од сите демократски институции во државата, од поединци, интелектуалци, професори, од целиот Македонски народ, од дипломатскиот кор, од институциите на ЕУ? Срамота е ова за оние медиумски пропагандисти кои учествуваат во одбрана на оваа Резолуција, нека им биде на чест, ако имаат грам чест во што не верувам!! Секако дека треба да реагира и Уставниот суд затоа што ова е школски пример на грубо газење на Уставот под нозе!!!

Но почитувани, ова иако звучи жално и смешно ситуацијата е многу сериозна. Видовте што се случи со Државниот јавен обвинител, го сменија вон сите правила, без никаква причина и повод, спротивно на мислењето на Советот на јавни обвинители, со онаа позната реченица, “Советот мисли така ама ние мислиме вака“, битно е ние што мислиме, кај нас е силата, а каде е силата таму правда нема.

Како и да е, сепак некој како да заборавил дека сега не е Среќна Нова 1949, туку Среќна Нова 2026 година, Македонија е веќе друга држава од поодамна, држава кандидат за ЕУ, членка на НАТО, слободна и демократска земја, па да се надеваме дека таква и ќе остане, а овие неразумни политики ќе бидат што е можно побрзо поразени и делегитимирани од нашиот вистински слободарски народ.

П.С. Вчера претставниците на владата се вратија од Брисел повторно со прстот во уста, им кажаа од највисоките редови таму дека знаеме што треба да направиме, ама се однесуваме како да незнаеме, тоа е сега!! Но ајде да не зборуваме веќе за лоши работи, зошто не зборуваме за убави работи, на пример зошто не зборуваме за воздухот во Скопје деновиве, кој е “прекрасен“!!!

 

 

 

 

Back to top button
Close