Филипче: Студентите победуваат. Никој повеќе не сака диктатори. Орбан падна. На ред е Вучиќ.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, преку социјалната мрежа „Х“ упати поддршка за граѓаните и студентите во Србија пред претстојните избори, оценувајќи дека тие се можност за ослободување од, како што рече, криминалната власт.

„Србија утре гласа за ослободување од криминална власт. По речиси две години непрекинати мирни и демократски протести, студентите успеаа да дојдат до шанса за промена на системот“, напиша Филипче.

Тој упати сериозни обвинувања до српскиот претседател Александар Вучиќ за подготовка на изборен фалсификат, споредувајќи ја ситуацијата во Србија со поранешното владеење на ВМРО-ДПМНЕ во Македонија.

„Вучиќ планира да ги украде изборите. Големи нерегуларности со избирачките списоци, издадените лични карти на странски државјани, голем притисок врз луѓето вработени во државниот сектор, контролирано и платено гласање, и апсолутна контрола на сите медиуми. На Македонија ѝ е позната оваа слика уште од времето на Груевски, а денес сме сведоци на повторно враќање во тоа време. Никој повеќе не сака диктатори и криминалци што ги држат државите како заробеници, а граѓаните како заложници. Орбан падна. Сега е редот на Вучиќ. Сите знаеме кој е следен, кој е дел од таа организирана криминална група“, посочува лидерот на СДСМ.

На крајот од својата објава, Филипче порача дека се залага за рамноправни и добрососедски односи меѓу двете земји, притоа упатувајќи директна критика и до македонскиот премиер Христијан Мицкоски.

„Како професор, стојам со цело срце покрај младоста, а на нашите соседи им посакувам среќа утре. Сакам Србија и Македонија да имаат најдобри можни односи, без мешање во внатрешните работи на државата како што имаме сега со потчинетиот однос на Мицкоски кон Вучиќ. Студентите победуваат“, заклучува Филипче.

 

Back to top button
Close