(ВИДЕО) Насилни протести во Тирана: Запален влезот на Министерството за земјоделство, има и повредени
Протестите, предводени од млади луѓе и студенти во Тирана, денеска ескалираа во насилни судири со полицијата, пренесува албанската телевизија Топ ченел (Top Channel).

Демонстрантите фрлаа молотови коктели и огномет кон полициските сили и објекти на институциите, палеа канти за отпадоци и оштетуваа деловни објекти.
Полицијата одговори со солзавец, водени топови, спреј со бибер и гумени куршуми.
Протестите ги започнаа пратеници и поддржувачи на опозициската Демократска партија, кои најпрво се собраа пред партиското седиште, а потоа маршираа кон канцеларијата на премиерот Еди Рама.
Околу 14 часот започна и протестот на младите на улицата „Драч“, каде што демонстрантите фрлаа камења кон Министерството за образование и кон полициските кордони. Дел од нив запалија канти за отпадоци, по што полицијата употреби водени топови и солзавец за да ги растера насобраните.
Судирите продолжија на плоштадот „Скендербег“ и на булеварот во близина на канцеларијата на премиерот Рама.
Како што известува Топ ченел, маскирани лица фрлале молотови коктели кон полициските сили, каде биле ангажирани околу 2 000 припадници. Полицијата употребила водени топови, гумени куршуми, спреј со бибер и солзавец кон демонстрантите.
Според Ројтерс, во текот на протестите, запален е и влезот на Министерството за земјоделство, но пожарот брзо бил ставен под контрола. Запален бил и киоск во близина на центарот на Тирана, а демонстрантите палеле канти за отпадоци и кршеле излози на повеќе деловни објекти, меѓу кои и банка во областа Васил Шанто.
Демонстрантите фрлале огномет кон седиштето на владејачката Социјалистичка партија, како и кон полицајците во близина на Банката на Албанија. Полицијата возвратила со солзавец и вода под висок притисок.
Во судирите има и повредени. Еден демонстрант и еден полицаец се здобиле со изгореници. За медицинска помош во болница биле пренесени и еден пратеник, четворица демонстранти, еден полицаец и двајца медиумски работници. Меѓу повредените имало и двајца граѓани со рани од гумени куршуми.
На протестот им се приклучиле и наставници, лекари, синдикални организации и претставници на малите бизниси, како и независниот синдикат за уметност, култура и медиуми.






