Холандските надлежни служби предупредуваат на ризиците од прославите во автобуси
Холандскиот Инспекторат за животна средина и сообраќај (ILT) и компанијата „Royal Dutch Transport“ објавија предупредување до сите кои планираат забави и прослави во автобуси дека ризикуваат сериозни повреди додека стојат или танцуваат во возилото, пренесуваат денеска локалните медиуми.

Повеќе стотици млади луѓе за порталот на Холандската радиодифузна унија (NOS) изјавија дека се возеле во „автобуси за забави“, во кои возачите за време на возењето по автопат ги поттикнувале да стојат или да играат. Притоа, некои од возилата воопшто немале седишта, а се движеле со големи брзини.
– Кога возачот нагло ќе закочи, тоа може да доведе до повреди на патниците во такви услови, изјави портпаролот на инспекторатот ILT.
Како што се наведува, овие автобуси за забави можат исто така да ги загрозат и другите учесници во сообраќајот со гласната музика или диско светлата. Инспекторатот наведе дека се потребни построги прописи за овој вид автобуси.
Холандското министерство за инфраструктура соопшти дека разгледува дали е потребно да се прилагодат прописите за овој тип возила и какви измени би биле потребни, пренесе „NL Times“.






