Бериша: Од јануари секојдневни масовни и мирни протести

Лидерот на Демократската партија, Сали Бериша, од Драч ја објави стратегијата на антивладините протести, најавувајќи, притоа дека од јануари опозицијата секоја вечер ќе биде на плоштад со „масовни и мирни протести“.
Предупреди дека овој облик на политичко дејствување ќе продолжи сè додека мнозинството не ја напушти власта.
-Континуирани и мирни протести се стратегијата од мисија на опозицијата за отстранување на социјалистичката влада. Од јануари се враќаме на плоштадот секоја вечер, додека Рама не си замине. Да не мислиме дека улицата е насилство, не. Улиците, плоштадите, се нашиот отпор. Плоштадот мора да биде наш, а Еди Рама да замине. Тој не може да остане таму, рече Бериша.
Посочи дека „влегуваме во 2026 година со мисија, како мисионери, како среќници кои имаат можност да ја соборат втората диктатура во Албанија“, апелирајќи на масовна поддршка од народот.
Додаде дека опозицијата е носител на „суверенитетот во земјата, носител на волјата на гласачите, слободни граѓани“, упатувајќи ги веќе познатите обвинувања до владејачките социјалисти.
Првиот од серијата антвладини протести опозицијата го одржа во понеделникот пред владата во Тирана, кога беа предизвикани инциденти со фрлање молотови коктели кон објектот и полицискиот кордон, при што беа повредени тројца полицајци и еден фоторепортер.






