Сепак, не сте биле Југословен? Бев, во најдобрата смисла на зборот!
Денко Малески
Значи, вие, сепак, не сте биле Југословен, ми вели Васко Ефтов во интервју за неговата емисија „Во центар“ на Јутјуб. Пропуштив да кажам нешто многу важно што сега ќе го сторам: Всушност бев Југословен во најдобрата смисла на зборот. Зашто, за мојата генерација, да си Југословен значеше, пред се, да си Македонец, но, со најдобри чувства кон другите народи на федерацијата.И кога тој светоглед, кој го стекнав живеејќи во заедница со други народи, го пренесов на меѓународната сцена станува јасно зошто секогаш се обидував да се ставам и во позиција на другиот.

Имено, за конструктивен дијалог со претсавници на други народи, поаѓате од претпоставката дека ја разбирате својата позиција и сакате да ја разберете онаа на другиот, а не постојано да ја повторувате сопствената. Намерата беше, преку таков дијалог, да го извлечете најдоброто за сопствената нација. Но, во времиња на зовриени страсти, кога и зборовите го менуваат своето значење, таквиот пристап е најкраткиот пат да бидете прогласен за непријател на сопствената нација, а пријател на сите други!? Какви се тие воени времиња? Читајќи што се пишува за граѓанската војна во Шпанија, од оние кои за разлика од Џорџ Орвел, не учествувале во битките, Орвел напишал: „Видов весници во Лондон кои продават лаги и желни интелектуалци кои градат емоционални надградби за настани кои не се случиле. Всушност, видов историја пишувана не во согласнот со она што се случило туку она што требало да се случи според разни партиски линии“.
И во Македонија се изнагледав дебатни емисии на телевизија и сум прочитал текстови на политичари и интелектуалци во кои не се кажува вистината за она што се случило во 1991, туку она што требало да се случи според нивните партиски линии. Еве еден пример за таков настан. Во спомнатото интервју објаснувам дека на масата на Конференцијата за Југославија организирана од ЕЗ, на која седеа претседателите и министрите за надворешни работи на шесте републики, имаше три става за излез од југословенската криза. Српскиот кој се залагаше за силна федерација со доминација на најбројниот народ, кој би можел да се нарече „унитаристички“, потоа, словенечкиот и хрватскиот кој би го нарекол „сецесионистички“ и македонскиот и босанскиот наречен „сојуз на суверени држави“. Во една од паузите ми приоѓа словенечкиот министер за надворешни работи Димитриј Рупел со прашање во кое имаше прекор. Бараше да му кажам дали сме за словенечкиот или за српскиот став. Не беше задоволен, очигледно, од ситуација која нему му изгледаше како „нешто помеѓу“. Мојот одговор беше дека ова што нему му изгледа како „нешто помеѓу“ е легитимна трета позиција, онаа на Македонија поддржана од Босна и Херцеговина.
Имено, охрабрени од својата поволна географска положба, Словенија и Хрватска, кои минаа и низ војна со силите на ЈНА под контрола на Србија, немаа трпение за долги преговори и сакаа да се отцепат од Југославија што е можно побргу. Но, интересите на Македонија и на Босна го бараа токму спротивното: трпеливо, на мирен начин, значи на конференциската маса да се размрсат комплицираните етнички клопчиња на федерацијата. Не им давајте на Словенците да заминат пред финалниот договор, му велам на претседателот на Конференцијата лорд Карингтон. Тој, пак ми одговара дека тоа не е лесно зашто „Словенците сакаат да излезат од федерацијата а Милошевиќ ги турка надвор“. Сепак, сите бевме на масата кога после шест месеци работа беше презентиран планот на Карингтон за сојуз на суверени држави. Тоа беше, ќе забележите,нашиот предлог. Разработена во детали, планот предвидуваше идниот сојуз да потсетува на некаква мини-европска заедница со: прогласување на крајот на војната (ова е , да потсетам 4 години пред геноцидот во Сребреница), прогласување на независноста на шесте држави, нивно членство во ОН, редовни годишни средби на претседателите на идните суверени држави, и на нивните поважни министри по углед на ЕЗ и така натаму… Се разбира, сите заедно ќе тргневме кон членство во ЕЗ/ЕУ уште тогаш. Сите претседатели го потпишаа овој договор, малку зачудено прашува Ефтов. Со исклучок на еден, Милошевиќ, сите беа спремни да му дадат шанса на мирот и да се вратат во сојуз на суверени држави.
И покрај мојата убеденост во исправноста на нашата надворешна политика во годините 1991-1993, морам да разберам зошто немаме еден заеднички наратив за нашата најблиска историја, со кој можеме да се гордееме.Затоа што сеуште недостасува историска дистанца која ослободува од емоциите, интересите и пристрасноста на учесниците во настаните. Во наша моќ е само да обезбиме сведоштва кои, подоцна, од други, ќе бидат просеани низ ситото на историјата.






