Анкета: Секој петти жител на Германија размислувал за емиграција

Секој петти жител во Германија изјавил дека размислувал да ја напушти земјата, покажува анкетата на Германскиот центар за истражување на интеграцијата и миграцијата, пренесува ДПА.

Меѓу анкетираните, 21 отсто посочиле дека размислувале за емиграција. Кај Германците без мигрантско потекло тој дел изнесува 17 проценти, додека оние кои самите имигрирале во Германија имаат двојно поголеми шанси да размислуваат за напуштање на земјата (34 отсто).

Најчест мотив е надежта за подобар живот, што го навеле речиси половина од оние кои размислуваат за заминување. Лицата со мигрантско потекло често ги наведуваат и случаите на дискриминација како причина.

Сепак, конкретните планови за емиграција се ретки: само 2 проценти имаат намера да се преселат во странство во рок од една година.

Според податоците на Федералната статистичка служба, во текот на 2024 година Германија ја напуштиле 1,2 милиони луѓе.

Во истражувањето се забележува дека во јавните дебати за имиграцијата често се занемарува фактот дека луѓето редовно си заминуваат од Германија – тенденција која влијае врз демографскиот развој и недостигот на работна рака во земјата.

Највисока склоност кон емиграција е забележана кај лицата со семејни врски во Турција, Блискиот Исток и Северна Африка (39 отсто), по што следуваат имигрантите од поранешниот Советски Сојуз (31 отсто) и други земји од ЕУ (28 отсто).

Истражувањето опфатило 2.933 лица и било спроведено од летото 2024 година до летото 2025 година.

Back to top button
Close