Адвокатот Димоски: „Предупредувавме за опасната градба – еден млад човек денес е трагично загинат“

Во Охрид, вчера трагично загина 28-годишниот Кристијан Љушев, снимател, фотограф и продуцент, при пад од петти кат во окно од лифт во зграда која се наоѓа во изградба. Веднаш бил пренесен во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид, каде што се обиделе да го реанимираат, но обидите биле неуспешни.
Адвокатот Војо Димоски реагираше на социјалните мрежи, повикувајќи внимание на, како што наведува, изведување на градежни активности „на работ на законот“. Тој потсети дека пред една година поднел кривична пријава против градежната компанија и нејзиниот управител, поради штети предизвикани на околните објекти.
„Во јуни 2025 година, како полномошник на оштетени, поднесов кривична пријава против оваа градежна компанија и нејзиниот управител. Несовесно градејќи зграда, без при тоа да бидат спречени од надлежните, ги оштетија околните објекти до степен истите да се опасни за живеење“, напиша Димоски.
Според него, постапката кратко траела и била затворена во август 2025 година со Решение на Вишото обвинителство во Битола, кое одлучило да не постапува понатаму по пријавата.
„Вчера во тој објект, во кој се изведуваа градежни активности на работ на законот, трагично загина наш млад сограѓанин“, додава Димоски.
Тој во објавата упати критика и кон институциите и кон општеството во целина, посочувајќи дека предупредувањата често не се сфаќаат сериозно додека не се случи трагедија. „Паметните учат на туѓи, а помалку паметните на своите грешки! Ние како општество одамна не учиме никакви лекции! Жално!“, напиша Димоски.
Случајот предизвика реакции на социјалните мрежи, додека официјални институции засега не се огласиле во врска со тврдњите на адвокатот.






