Пропусти во ТИРЗ: Дадена помош од 29,2 милиони евра на странски компании, државата нема контрола врз процесот
Државната ревизија откри сериозни финансиски неправилности и системски пропусти во работењето на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони за 2024 година. Стотици хектари државно земјиште остануваат неискористени, додека милионски инвестиции се водат без амортизација и законски одобренија. Скапите јавни набавки се склучувале без анализи, студии и без јасни правила за плаќање. Во делот на останати прашања, ревизијата укажува на повеќе системски слабости поврзани со објектите кои се водат како инвестиции во тек, управувањето со државната помош и законската неусогласеност во делот на платите.

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ДТИРЗ) за 2024 година откривајќи сериозни состојби, неправилности и неусогласености во работењето. Наодите отвораат прашања за одговорноста и за зголемените финансиски и судски ризици за државата
Во текот на 2024 година извршена е исплата по основ на склучени 16 договори за доделување на државна помош во вкупен износ од 1.799.939 илјади денари или околу 29,2 милиони евра, од кои директно исплатените средства од Буџетот изнесуваат 1.728.289 илјади денари, додека вкупните ослободувања во износ од 71.650 илјади денари.
Исплатените средства од буџетот бележат тренд на зголемување, а зголемувањето на исплатените средства во 2024 година се должи на нереализираните барања за исплата на средства на корисниците на државна помош на крајот на 2023 година.
„Со оглед на комплексноста на постапката и висината на средствата кои се исплаќаат за државна помош, ревизијата ја истакнува потребата од пропишување на законски одредби за донесување на методологија за доделување на државна помош со утврдени критериуми за определување на висина на индивидуална помош и за мерење на ефектите од доделената помош.
Исто така, потребно е да се пропишат законски одредби за утврдување на начинот на следење, како и надлежен орган за следење и контрола на исполнетоста на утврдениот максимален интензитет на доделената државна помош во услови кога истата се доделува од страна на повеќе даватели. Ја истакнуваме и потребата да се пропише воспоставување на регистар на државна помош на централно ниво и да се уреди меѓу институционалната координација помеѓу сите вклучени органи во процесот на доделување на државна помош. Наведеното ќе придонесе за координирано постапување на давателите на државна помош со цел почитување на дозволениот интензитет, подобра контрола и зголемена транспарентност и подобрување на можноста за мониторинг и евалуација на ефектите од доделената државна помош врз економскиот развој и вработеноста “, препорачаа ревизорите.
…






