Поранешниот државен правобранител Фехми Стафа останува во притвор – судот му го продолжи за нови 30 дена

Поранешниот државен правобранител, Фехми Стафа, против кого се води истрага за примање поткуп, останува во притвор откако Основниот кривичен суд Скопје му ја продолжил мерката за обезбедување присуство за нови 30 дена.

Првично определениот едномесечен притвор на Стафа истекуваше овие деновиве, а дека е продолжен за дополнителни 30 дена, утрово потврдија од Кривичниот суд.

Инаку, поранешниот државен правобранител беше уапсен на 13 декември минатата година, во рамките на постапка што против него ја поведе Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), поради основано сомнение дека сторил кривично дело примање награда за противзаконито влијание.

Како што информираа тогаш од Обвинителството, во периодот од октомври до 13 декември, осомничениот Стафа примил вкупно 50 000 евра за да посредува и да влијае кај судија во Апелацискиот суд Скопје во врска со предмет што се водел против негов клиент, односно лице што го застапувал како адвокат.

Намерата, според ОЈО ГОКК, била преку поткуп да се влијае врз извршување службено дејствие кое не смеело да биде преземено.

Непосредно по примањето на парите, осомничениот Стафа бил лишен од слобода, при што кај него биле пронајдени и одземени паричните средства.

Инаку, лицето за кое поранешниот државен правобранител требало да издејствува укинување на мерката притвор е осомничениот во случајот „Синџир“, Љупчо Пецов, познат по прекарот Ѓаволот.

Стафа, кој е адвокат на Пецов во овој случај, неколку месеци претходно поднел барање за замена на мерката притвор со куќен притвор во отсуство на Пецов, за што била понудена и гаранција.

Неколку дена по апсењето на Стафа, поточно на 16 декември, Пецов, кој дотогаш беше во бегство, самиот им се предаде на органите на прогонот и веднаш беше изведен пред судија на претходна постапка.

Мерката притвор, што на Пецов претходно му беше изречена и потврдена од скопска Апелација, Кривичниот суд тогаш му ја замени со куќен притвор.

 

Од Основниот кривичен суд Скопје тогаш рекоа дека мерката е заменета на предлог на ОЈО ГОКК бидејќи тој самиот се пријавил на органите на прогонот, како и поради тоа што надлежниот јавен обвинител оценил дека во притворското одделение не може да се гарантиура неговата лична безбедност.

 

 

Во одговор на новинарски прашања, од ОЈО ГОКК рекоа дека јавниот обвинител се согласил со замена на притворот со куќен притвор, покрај другото, и затоа што одбраната на Пецов доставила медицинска документација за неговата нарушената здравствена состојба, поради што тој бил на болничко лекување.

Покрај куќниот притвор, на Пецов судот му определи и дополнителен 24-часовен надзор од МВР, а му беа одземени и двата пасоши што ги поседувал.

Инаку, Љупчо Пецов-Ѓаволот е еден од обвинетите за финансиски криминал во „Синџир“, случај што беше отворен кон крајот на октомври 2023 година. Во истрагата беа опфатени 26 лица, сопственици и управители на 28 фирми. Тие беа осомничени, а потоа и обвинети дека создале шема за даночно затајување. Според истрагата, тие преку издавање фактури со ДДВ за наводно извршени набавки, кои не постоеле, го оштетиле државниот буџет за околу осум милиони евра.

Back to top button
Close