(ВИДЕО) Огњеновиќ: Сопственикот на фирмата што добила 51 тендер од владејачката партија бил член на Избирачки одбор на ВМРО-ДПМНЕ

Антикорупцискиот тим на СДСМ обвини дека фирмата „Пирамид билдинг солушнс“, која од општините каде што ВМРО-ДПМНЕ има градоначалници добила вкупно 51 тендер во вредност од 16 милиони евра, е поврзана со владејачката партија. Според наводите на СДСМ, сопственик на фирмата е извесен Петар Доновски, кој, како што велат оттаму, бил член на Избирачки одбор од ВМРО-ДПМНЕ, на Избирачко место 2680 во Аеродром.

Петар Огњеновиќ, член на Извршниот одбор на СДСМ / Фото: СДСМ

„По престанување на мандатот на Доновски, ВМРО-ДПМНЕ на негово место назначува друг партиски претставник. Дали сега е јасно за поврзаноста со ВМРО и политичкото влијание? Само од општина Аердором оваа омилена фрима има добиено 22 тендери. Ако ова не е конфликт на интереси и политичко влијание врз доделувањето на тендерите тогаш што е? Уште ли ќе чекаат Јавното обвинителство, ДКСК и Финансиската полиција?“изјави Петар Огњеновиќ, член на Извршниот одбор на СДСМ на денешната прес-конференција.

Од опозициската партија велат дека со случајот се открива и поврзаноста на тендерите и избирачкиот процес.

„Ако некој што бил во Избирачки одбор именуван од ВМРО-ДПМНЕ добива милионски тендери, може да замислите на што би личеле избори без контролни механизми од опозицијата? Затоа не сакаат опозицијата да учествува во техничката влада – затоа што не сакаат да бидеме сведоци на криминалот и корупцијата“,велат од СДСМ и додаваат дека техничката влада мора да остане.

ВМРО-ДПМНЕ вчера ги одби како неосновани обвинувањата на опозицискиот СДСМ дека фирма блиска до власта добила 51 тендер во општини раководени од кадри на ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата велат дека опозиционерите не понудиле ниеден доказ за незаконско постапување за случајот што го посочуваат.

 

Back to top button
Close