Лидерска средба: Постигната согласност за укинување на техничката влада за следните или за изборите потоа

Сите учесници на денешната лидерска средба се согласија дека техничката влада треба да се укине, освен лидерот на ДУИ Али Ахмети кој смета дека за ова треба да бидат консултирани ЕУ и САД. Заедничка беше оценката дека лидерската средба помина конструктивно и дека дебатата за прашањата што беа отворени, треба да продолжи на ниво на пратеничките групи во Собранието.
Измените на Изборниот законик, Законот за прекршоци што треба да се усвои во Собранието за да може од 1 февруари да почне проектот „Безбеден град“, изборот на народен правобранител и изборните единици, беа само дел од темите за кои разговараа премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПНМНЕ, Никола Мицевски, генералниот секретар на ЗНАМ и министер за јавна администрација, Горан Минчев, градоначалникот на Тетово, Биљал Касами од коалицијата „Вреди“, како и лидерите на Левица и на ДУИ, Димитар Апасиев и Али Ахмети.

На лидерската средба, како што изјави премиерот Мицкоски по нејзиното завршување, не станало збор за предвремни парламентарни избори.
– Најдовме своевиден компромис за Законот за прекршоци, а за техничката влада, генерално, сите се согласивме дека треба да замине во минатото. Ако нема согласност кај сите парламентарни групи да се прифати предлогот за укинување на пржинската влада, таа нека важи и за следните избори, па потоа да се укине, за изборите потоа. За да излеземе од ќорсокак, ние го прифаќаме и тој компромис. Ако СДСМ мислат дека е потребно за следните избори да има техничка влада, во ред. Но, кој и да победи на следните избори, да нема повеќе техничка влада. Имаше сугестија од еден од присутните да се направи консултација со меѓународната заедница. Но, генерално сите се согласивме дека техничката влада треба да замине во минатото. Мислам дека треба да покажеме одговорност дека сами можеме да носиме зрели одлуки. За мене ова е зрела одлука. Сепак не е мој личен карактер, ниту начин на размислувања тоа да не биде консензуално во рамките на пратеничките групи одлука којашто ќе се донесе. Денеска видовте дека една коалиција отсуствуваше. Доколку таа коалиција не го прифати ова носење на измени во Законот за Влада со што би се избришала техничката влада за следните парламентарни избори. Тој закон се менува со просто мнозинство во парламентот, со 61 глас „за“. Сепак мојот предлог беше да не го правиме тоа на сила, без нивна согласност туку да донесеме измени на Законот, по следните избори тогаш да не важи техничката влада. Ако толку тие инсистираат да важи за овие избори техничката влада, еве измените да не ги опфатат следните парламентарните избори, туку тие што ќе следат по тоа, рече Мицкоски.

Од ЗНАМ се децидни дека техничката влада треба да се укине.
-Техничката влада беше воведена како привремено решение во специфичен политички контекст и со една јасна цел – обезбедување демократски, фер и слободни избори во време на политичка криза. Таа цел е одамна исполнета и зад нас се неколку успешно спроведени изборни циклуси, вклучително и последните локани избори во 2025 година, истакна пратеникот на ЗНАМ Бобан Карапејовски.

Лидерот на Левица, Димитар Апасиев потврди дека било разговарано за укинување на техничката влада во две варијанти – или веднаш или, ако не за следните, тогаш за тие по нив парламентарни избори во зависност од СДСМ.
И коалицијата „Вреди“ е согласна дека техничката влада треба да се укине, но ако нема согласност од сите политички фактори сега, тогаш, како што напомена градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, и следните редовни парламентарни избори да се одржат со техничка влада и потоа таа да се укине.

– Во однос на прашањето за техничката влада, ние сме на ставот дека треба да се консултираме дополнително со меѓународната заедница, меѓународниот фактор и партнери кои се коавтори на текстот за Пржинска влада – ЕУ и САД, изјави Ахмети.
ДУИ го поддржува предлогот за една изборна единица, но со праг од 5 отсто и отворени листи, додека за „Вреди“ бројот на изборните листи не е спорен, туку е важно да има отворени листи.

– За изборните единици е најважно, како и да се одлучи, и за една изборна единица, да има отворени листи, истакна Касами кој на средбата побарал, како што информира, и со измените на Изборниот законик да се овозможи поголемо учество на дијаспората во гласањето.
Ставот на премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски во однос на ова прашање е гласањето на дијаспората да се разгледува заедно со една изборна единица.
– Прашањето за начинот на гласање на дијаспората треба да се разгледува заедно со можноста за воведување една изборна единица и во согласност со законските ограничувања во државите каде што живеат иселениците. Пред да дојдеме до начинот на гласање на дијаспората, потребно е да дефинираме две работи. Прво, дали ќе имаме една изборна единица, бидејќи тогаш сите гласови би се слевале во еден базен, без разлика дали се гласови на резидентното население или на дијаспората. Втората работа е фактот дека постојат држави кои не дозволуваат екстериторијално гласање надвор од дипломатско-конзуларните претставништва. Има држави кои дозволуваат организирање гласање исклучиво во рамките на дипломатско-конзуларните претставништва, но има и такви кои тоа воопшто не го дозволуваат. Тоа претставува реална пречка. Се согласивме дека треба да бидеме креативни и да продолжиме да размислуваме и разговараме, но во овој момент тоа да биде на ниво на координатори на пратеничките групи, изјави премиерот.

Околу прашањето за обезбедување двојно мнозинство за избор на Народен правобранител, Ахмети кажа дека побарал дополнителни консултации.
– Не се направени потребните консултации, туку дејствијата биле преземени произволно, а консензуалната демократија има свои правила. Она што останува е координаторите на пратеничките групи да бараат решенија и дополнителни консултации за тоа како може да се реши ова прашање, нагласи Ахмети.
Според Левица, како што рече Апасиев, народен правобранител треба да биде избран од ромската заедница.
За законите за „Сејф сити“ за кои потребно е Бадентерово мнозинство и се блокирани од страна на „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ, Ахмети нагласи дека координаторите на пратеничките групи останува да се сретнат и да изнајдат решение.
ЗНАМ дава поддршка на примената на „Безбеден град“ и апелира на негово побрзо усвојување. Како што потенцира Карапејовски, ЗНАМ го поддржува и Законот за прекршоците.

Мицкоски, пак, прашан за можната поддршка за двотретинските закони, меѓу кои и Законот поврзан со проектот „Сејф сити“, нагласи дека сите реформски закони кои имаат позитивно мислење од Венецијанската комисија или од Европската комисија треба безусловно да се поддржат.
– Сите закони и процедури што се дел од реформската агенда и имаат позитивно мислење од Венецијанската комисија или од Канцеларијата на Европската комисија треба да бидат поддржани, без разлика на формата, бидејќи сите сме за членство во Европската унија, потенцира премиерот.
Левица од економските теми на лидерската средба ги отворила прашањата за минималната плата, апанажата и патните трошоци на пратениците и јавните функционери, а побарала и обесштетување на семејствата на жртвите од Кочани за кое, како што нагласи Апасиев, немало слух.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој го одби повикот на Мицкоски, не дојде на средбата. мч/са/






