Кучето Роџер ќе биде вклучено во терапевтскиот процес на пациентите на Клиниката за психијатрија

Куче од расата лабрадор, по име Роџер, ќе биде вклучено во терапевтскиот процес на пациентите на Универзитетската клиника за психијатрија во Скопје.
Кучето Роџер на Клиниката за психијатрија / Фото: Фејсбук
Во објавата на фејсбук-профилот на Клиниката за психијатрија се вели дека кучето Роџер е нов член на тимот на оваа здравствена установа, како и дека неговото присуство не е случајно, туку е дел од внимателно осмислена практика насочена кон унапредување на менталното здравје.
„Роџер е 2,5 годишен ‘чоколаден‘ лабрадор, кој за многу кратко време стана омилен меѓу персоналот и пациентите. Нашиот четириножен колега е обожаван, едноставно од сите“,
се вели во објавата од Клиниката.
Според директорката на Клиниката, проф. д-р Славица Арсова, причините за вдомување на Роџер се дел од имплементацијата на Animal Assisted Activities, односно активности поддржани од животни, кои се структурирани во неформализирани активности, во кои најчесто учествуваат кучиња, со цел да се обезбеди емоционална поддршка, чувство на смиреност, социјална интеракција и подобрување на општата психосоцијална благосостојба на пациентите.
„Активностите на Роџер на Клиниката вклучуваат средби со пациенти, индивидуално или во рамки на групи, секогаш под придружба и надзор на лица од нашиот стручен тим и се разбира, со согласност од пациентите. На овој начин, сакаме да го поттикнеме и вдомувањето кучиња како хуман и одговорен начин да им се даде втора шанса на напуштените животни и да се намали бројот на бездомни животни“,вели таа.
За Роџер се обезбедени бокс и куќичка пред влезот на Клиниката. Неговите активности почнуваат во 8 часот наутро во дневната болница. Нема контакт со деловите од установата каде што има храна и лекови, а неколку пати дневно има долги прошетки со вработените или со пациентите доброволци од дневната болница.






