Нема договор за Народниот правобранител. Неговиот избор останува блокиран во Собранието

Нема договор околу изборот на Народен Правобранител и отпаѓа опцијата утре пратениците да гласаат за негов избор. За ДУИ е неприфатливо да биде избран номинираниот Фатон Сељами кој доаѓа како предлог од власта. Треба да продолжат разговорите меѓу партиите и да се изнајде едно решение прифатливо за сите.

Ова вечерва го изјави генеталниот секретар на ДУИ Арбер Адеми, гостувајќи во емисијата „Анализа“ на ТВ 24. На тој начин потврди дека нема да оди лесно изборот на Омбудсманот по најавите што доаѓаа по завршувањето на вчерашната лидерска средба , а кои како готова работа го опишуваа чинот на гласањето во Собранието.  Адеми рече дека не се согласиле со предлогот ставен на маса на лидерската средба – ДУИ да го обезбеди бадентеровото мнозинство за изборот на Сељами, а по шест месеци тој самиот да се повлече. “Немаме договор за такво нешто. Народниот правобранител е многу значајна институција и уставна категоријаи неа треба да ја водат кредибилни луѓе, кои може да се  најдат на листата од останатите пријавени на последниот конкурс. Власта настапи со предлогот во стилот – земи или остави, а ние таков ултиматум не прифаќаме. ДУИ е отворена и натаму за искрен дијалог преку кој ќе се стигне до потребниот консензус. Разговорите меѓу партиите треба да продолжат за да се изнајде решение“, потенцираше Адеми.

Ваквиот став доаѓа по контраверзните информации што речиси цел ден доаѓаа од Собранието каде, како што беше договорено на лидерската, на ниво на координатори на пратенички групи се разговараше за изборот на Народен правобранител и гласањето за измените на Законот на прекршоци со кои треба да се инкорпорира т.н. „сејф сити“ системот. Владејачката коалиција увдеруваше дека има договор и дека можно е уште утре овие две точки да се најдат на дневен ред. Такво нешто потврди и претседателот на Парламентот Африм Гаши. Сепак, до договор не дојде и изборот на Омбудсманот останува блокиран.

ДУИ на лидерската начелно се согласила да гласа за кандидатот што го оспоруваше, но по состанокот во Собранието повторно е на позицијата дека нема да обезбедат Бадентерово мнозинство за Фатон Сељами и бара тој да биде повлечен.
Од ДУИ велат дека откако разбрале дека вработените од институцијата Народен правобранител земале плата, тие се враќаат на ставот дека треба нов кандидат за омбудсман. Според ДУИ, Сељами треба да се повлече и Комисијата за избори и именувања да предложи друг кандидат од веќе пријавените. Според нив, со тоа ќе нема потреба за нов оглас и нема да се губи дополнително време за повторување на целата процедура.

ДУИ не дава согласност за Сељами, бидејќи бил кандидат поддржан од Вреди, а омбудсманот треба да биде политички независен.

Платите на вработените во канцеларијата на омбудсманот не се единствениот проблем, туку тоа што оваа значајна институција за државата веќе половина година работи со половичен капацитет. Вработените ја зеле декемвриската плата што била планирана во буџетот за 2025 година. Неизвесно е дали ќе биде исплатена јануарската плата ако не биде избран новиот омбудсман.

Според брифинзите, на лидерската била понудена опцијата ДУИ да обезбеди Бадентерово мнозинство за Сељами да биде избран за народен правобранител, а по половина година тој самиот да се повлече и да се распише нов оглас за избор на омбудсман. Но, ДУИ сега се повлече од начелниот договор.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close