(Видео) На Шар Планина диви ратраци ги загрозиле животите на ренџерите

Од Јавната установа Национален парк Шар Планина информираат дека директорот на установата, заедно со раководството на Одделението за заштита на природата и ренџерската служба, реализирал проширени теренски контроли во рамки на Националниот парк, конкретно во зоната на Попова Шапка, со цел надзор над почитувањето на законската регулатива и заштитата на природните вредности.
При контролите било утврдено дека на државен имот се врши дејноста скијање со пет специјализирани возила – ратраци, од страна на оператор кој нема склучено договор, односно соодветна спогодба со Јавната установа Национален парк Шар Планина. Таквото постапување е спротивно на Одлуката за режимот на движење со моторни возила на територијата на паркот и на Планот за управување со заштитеното подрачје.
Како директен резултат на контролите, надлежните служби веднаш изрекле мерка за забрана на движење на ратраците на операторите кои не ги исполнуваат законските и договорните услови за вршење туристичка дејност во рамките на паркот.
Од Националниот парк посочуваат дека за време на извршувањето на службените задачи, вработените биле попречени од операторот со движењето на ратраците, со што било оневозможено спроведувањето на надлежностите предвидени во член 112 од Законот за заштита на природата. Според институцијата, ваквите постапки создале директен ризик по животот и безбедноста на вработените и го нарушиле нормалното функционирање на институционалните активности и почитувањето на законската регулатива.

По настанот, како што се наведува, ќе биде поднесена пријава до Министерството за внатрешни работи и до Државниот инспекторат за животна средина и просторно планирање.
Јавната установа потсетува дека скијањето со ратраци во Националниот парк Шар Планина е дозволено исклучиво во зони определени за активно управување, надвор од зоните на строга заштита и само со целосна согласност со законските и договорните обврски. Со договорниот однос, како што наведуваат, се воспоставува јасен режим на движење, надзор и одговорност на операторите, со цел минимизирање на влијанието на моторизираните активности врз чувствителните живеалишта, зачувување на биодиверзитетот и одржување на еколошката рамнотежа.
Оттаму додаваат дека ренџерската служба на Јавната установа Национален парк „Шар Планина“ ќе продолжи со редовни и интензивирани теренски контроли во согласност со надлежностите утврдени со Законот за заштита на природата.
Ренџерската служба најавува дека ќе продолжи со редовни и интензивирани теренски контроли и со преземање законски мерки за секоја утврдена повреда, во рамки на надлежностите утврдени со Законот за заштита на природата. Од Националниот парк Шар Планина порачуваат дека остануваат цврсто посветени на одржливо управување со заштитеното подрачје, развој на одговорен туризам и зачувување на природните вредности во интерес на јавноста и идните генерации.






