Протест на кумановци пред зградата на УЈП

Незадоволни граѓани од Куманово, кои во изминатите години работеле за американски компании во воените бази во Ирак и Авганистан, и денеска излегоа на протест пред зградата на Управата за јавни приходи. Тие повторно побараа надлежните институции да ги земат предвид доставените докази за нивниот престој и работа во странство, како што се пасоши со гранични печати и потврди од работодавци, со цел утврдување на реалната даночна состојба.
Кумановци бараат ревизија на донесените решенија, запирање на присилната наплата и усогласување на даночната пракса со законските одредби. Како што посочија, не бегаат од плаќање даноци, но инсистираат на правична и законска примена на прописите.
Засегнатите информираа дека дел од нив веќе се обратиле до Народниот правобранител, барања до повеќе институции, меѓу кои до Управата за јавни приходи, Владата, Американската амбасада и Советот на Општина Куманово, со цел решавање на проблемот.






