Филипче за законот за „Безбеден град“: Нашиот глас ќе го кажеме во Собранието, има две битни работи за коишто треба да се дебатира

Законот за „Безбеден град“, со кој се регулира еден многу значаен дел од сообраќајот со кој се намалува ризикот од несреќи, апсолутно во тој дел го поддржуваме, вели лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче, нагласувајќи дека има две битни работи за коишто треба да се зборува – за висината на казните и за тоа што и кој ги контролира огромната количина на податоци, кои системот ги собира.
Прашан дали СДСМ ќе даде поддршка за измените на Законот за прекршоци, по кои расправата во Собранието веќе е завршена, Филипче рече дека ставот ќе го кажат на собраниска седница, нагласувајќи дека овие две работи не може туку така да поминат.
– Станува збор во моментов за власт на ВМРО-ДПМНЕ, којашто има историја на злоупотреба на служби за безбедност, пратење и прислушкување на огромен број на граѓани. Не сме комотни да туку така, тој дел помине без дискусија. Се сомневаме дека можат тие податоци да ги злоупотребуваат за нивни тесни партиски цели. Така што, ќе се дебатира во Собранието за овие две работи, изјави Филипче.
Прашан за реформските закони во Собрание и дали координаторот на СДСМ ќе се приклучи, Филипче, рече дека за се што е процес во Собранието и е дел од регуларна комуникација, апсолутно ќе бидат дел од тие процеси.
– Ние, нашиот глас секако дека ќе го кажеме во Собранието, ама да даваме легитимитет на ваква власт за да има повторно само лажна најава дека спроведуваат некакви реформи, како што беше после мојата средба со Мицкоски, едноставно не може да им се верува, изјави Филипче.






