На Инфективна починал 69-годишен пациент поради компликации од грип
На Инфективна клиника вчера починал 69-годишен пациент, кај кога бил потврдена лабораториски инфлуенца А.

Пациентот, како што информираше директорот на Инфективната клиника, Фадил Цана, бил со комордбидитети и не бил вакциниран против сезонски грип, иако бил во ризична група.
-Пациентот беше донесен во исклучително тешка општа состојба со развиена масивна бронхопневмонија. Пациентот веднаш беше третиран навремено од страна на медицинскиот тим во одделот за интензивна нега, но покрај сите преземени мерки, пациентот за жал почина. Треба да се напомене дека пациентот бил со повеќе коморбидитети: хронична опструктивна белодробна болест, кардиомиопатија и други заболувања. Многу е важно да се напомене уште еднаш дека пациентот не бил вакциниран, иако бил во групата на пациенти што требало да примат сезонска вакцина против грип, изјави Цана.
Пациентот е од внатрешноста, донесен во исклучително тешка состојба, веднаш беше поставен на механичка вентилација, кај него симптомите траеле пет дена пред приемот во болницата.
На Клиниката, како што информира Цана моментално има хоспитализирано околу 25-30 пациенти со грип, од нив дел со полесна, а други со потешка клиничка слика, од кои неколку со кислородна поддршка, а само еден на механичка, како потежок случај. Ова е втора жртва сезонава со грип, откако минатата недела на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје почина 75-годишна пациентка со грип.






