Мицкоски го обвини Пендаровски дека носел незаконски и неуставни одлуки за време на ковид-пандемијата
Постојат сериозни сомневања оти дел од одлуките донесени од страна на поранешниот претседател Стево Пендаровски за време на ковид-пандемијата биле спротивни на Уставот и законите, посочи премиерот Христијан Мицкоски. Тоа според него, го отвора прашањето за институционална и кривична одговорност. Го повика и Обвинителството да постапува по допрен глас.

„Ние знаевме какви мафијашки упади се случуваа особено во тој период кога се носеше таа, би рекол, вонредна состојба, кога со уредби со сила на закон се надсинхронизираше законот и Уставот во Македонија. Има многу сведоштва кои говорат за однесувањето на владата во тој период, вие знаете, сè уште тие законски уредби и одлуки на Стево Пендаровски во тој период стојат непоминати во Собранието, треба да ги видиме и Собранието да се произнесе во периодот што следи, што со тоа, дали можеби има и одговорност тука од страна на поранешниот претседател”.
Обвинувањата кон Пендаровски од страна на премиерот, беа изнесени во контекст на тврдењето дека поранешниот министер за здравство и актуелен лидер на СДСМ Венко Филипче, со помош на експремиерот Зоран Заев, преку уцена и притисок се обиделе да го преземат сопствеништвото на приватната клиника на кардиохирургот Жан Митрев.
Мицкоски го повика Јавното обвинителство да го истражи случајот, а такво барање вчера дојде и седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, откако Филипче претходно најави тужби за клевета.
Филипче на вонредна прес-конференција најави дека ќе поднесе тужба за клевета против, како што рече, „наредбодавачите и извршителот“, по зголемениот број напади на неговото конто од страна на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Тој кажа оти чашата ја прелеале обвинувањата поврзани со д-р Жан Митрев, во кое на Филипче му се импутира дека вршел рекет врз приватната болница. Ги повика Митрев и властите нивните обвинувања да ги ефектуираат институционално наместо преку медиумски написи.






