Пуштен во употреба новоизградениот дел од ООУ „Блаже Конески“ во Мичурин

Премиерот Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и градоначалникот на општина Аеродром Дејан Митески денеска го пуштија во употреба новоизградениот дел од ООУ „Блаже Конески“ во населата Мичурин.

По 70 години училиштето доби современ лик и услови за квалитетно образование. Новите училници, кабинети и заеднички простории обезбедуваат простор за развој на учениците и подобри услови за наставниците.

Премиерот Мицкоски посочи дека минатата година ја завршиле со реновираната Клиника за гинекологија и акушерство, а потоа на почетокот на годинава се отворени четири нови градинки, во Кочани, Карбинци, Сопиште и Гевгелија.

– Во училиштето „Блаже Конески“ во Аеродром има услови идеални за учење, а кога ќе се вратам од службеното отсуство од Давос ќе го пуштиме и реновираното училиште или гимназија во Тетово „Кирил Пејчиновиќ“ и така ќе продолжиме со примопредавање на сите оние проекти коишто изминативе 18/19 месеци ги започнавме, нагласи Мицкоски. Тој на учениците им посака да се стекнат со многу знаење, а на вработените успешна работа и да го пренесат што поуспешно тоа знаење до нашите најмладите.

Според него, не треба да се забораваат и спортските сали, булеварите, експресните патишта, железницата, автопатските делници и многу проекти што се реализираа овие 18/19 месеци. Тоа, како што рече, сме го ветиле пред граѓаните и тоа ќе го испорачаме во рамките на приоритетите и во рамките на можностите.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска истакна дека со отворањето на овој голем објект како дел од ООУ „Блаже Конески“ се создаваат услови за покревање на квалитетот на образованието, а се решава проблемот на учениците и на родителите.

– Продолжуваме со инвестициите, како во ова училиште, така и во други основни и средни училишта низ државата. За следната година предвидуваме заедно со Владата и со општините над 160 проекти со огромна вредност се со цел да овозможиме услови за постигнување повисок квалитет на образованието, изјави Јаневска.

Градоначалникот на општина Аеродром Дејан Митески изјави дека денеска го пуштаат во употреба ООУ „Блаже Конески“, проект вреден над 200 милиони денари, кој се изведуваше во изминатите 16 месеци.

– Проектот не претставува само нови училници, туку и нов повисок стандард за сите ученици кои ќе учат тука. ООУ „Блаже Конески“ добива 16 нови училници, нова опрема, комплетно по сите стандарди и прилагодена за децата согласно возраста, лифт за деца со посебни потреби, посебни тоалети наменети за нив, посебни тоалети за сите ученици и нови услови кои ќе овозможат и наредните генерации да уживаат во образовниот процес, рече Митевски. Додаде дека проектот се реализирал со поддршка на Владата и општина Аеродром, а градежните работи ги изведувала компанијата „Жикол“, кои го завршиле проектот уште пред истекот на рокот утврден во договорот.

Во новиот дел на училиштето се изградени 16 модерни училници и кабинети, библиотека, сала со бина, лифт, кујна и трпезарија, енергетски ефикасна фасада и целосно пристапни услови за сите ученици. Втората фаза од овој проект веќе е почната и опфаќа изградба на спортска сала, 10 нови училници, кабинет за информатика, нова библиотека, просторен хол за активности и партерно уредување на дворот со игралишта, зеленило и нов паркинг, со вкупна вредност од 253 милиони денари.

Back to top button
Close