Инцидент на Средно Водно: Налутени граѓани се расправале со вработените на жичницата

Група граѓани кои денеска чекале ред на жичницата на Средно Водно им се налутиле на вработените на жичницата поради тоа што прогласиле пауза, иако на таблата пишува дека пауза се прави само во работните денови, пишува СДК.

На почетната точка на жичницата во 11:30 часот имало малку луѓе и жичницата работела без прекин. Но, работниците тогаш го затвориле влезот и навеле дека за нив и недела е работен ден и дека имаат право на пауза. За кусо време, се создала гужва и граѓаните почнале гласно да негодуваат, објави порталот.

„Зошто да чекаме и да мрзнеме тука половина час, кога знаеме дека во викенд нема пауза? Прашавме еден од вработените и тој ни рече дека за нив и недела е работен ден. Да нѐ известеа, да пишуваше некаде, во ред, но вака не е коректно”, револтирано рекол еден од присутните граѓани.

Според Сакам да Кажам, вработените рекоа дека инструкции за пауза добиваат од колегите кои работат на врвот на Водно, додавајќи дека жичницата, како и секој понеделник, нема да работи, и покрај тоа што е неработен ден.

Извор: fokus.mk

Back to top button
Close