Над 90 деца се хоспитализирани поради грип и респираторни вируси, десетина се на кислородна поддршка
Препорака за родителите во овој период е да се избегнуваат собири во затворен простор, да се одржува лична хигиена со често миење на рацете, да се прави дезинфекција на површините, во исхраната да има свежи овошје и зеленчук и да се престојува на чист воздух

Седумдесет деца се хоспитализирани на Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата во Козле. Десетина од децата, како што вели директорката на Клиниката, проф. д-р Катерина Бошковска, се на кислородна поддршка. Таа додава дека се хоспитализирани и 15 деца кај кои е потврден вирус на грип од типот А и кои имаат компликации.
Според Бошковска, на Клиниката дневно се прегледуваат 150 до 200 деца.
Во однос на симптомите на грипот, таа вели дека почнуваат обично нагло, со зголемена телесна температура, болка во грлото, болки во мускулите и зглобовите, носна секреција и сува кашлица.
Препорака за родителите во овој период, нагласи таа, е да се избегнуваат собири во затворен простор, да се одржува лична хигиена со често миење на рацете, да се прави дезинфекција на површините, во исхраната да има свежо овошје и зеленчук и да се престојува на чист воздух.
„При појава на симптоми на грип децата да не се носат во градинка, да се изолираат, да се одржува добра хидрација со зголемено внесување течности, да се даваат лекови за зголемена температура и разладување. Ако симптомите траат повеќе од три до четири дена или прогресираат со појава на интензивна кашлица, забрзано или отежнато дишење, да се побара лекарска помош на матичен лекар или во дежурните педијатриски пунктови и доколку состојбата е сериозна и потребно е болничко лекување, секако да се упатат во нашата установа“додава Бошковска.
На Универзитетската клиника за детски болести, пак, се хоспитализирани 20-ина деца со симптоми на акутни вирусни инфекции од типот на грип и болести слични на грип, од кои кај најголем број е изолирана инфлуенца А.
Доктор педијатар пулмолог Весна Мицевска од Клиниката вели дека има неколку случаи на возраст до 23 месеци кај кои е изолиран респираторен синцицијален вирус и еден помал број заболени со докажан ентеровирус риновирус.
Заболените, додава докторката, се на возраст до 14 години, од кои најголемиот број се до пет години.
„Тие се во добра општа состојба. Некои од нив имаат компликации од типот долнореспираторни инфекции, бронхит, бронхопневмонија или бронхиолит. Нема потешки случаи и во моментот нема пациенти на кислородна поддршка. Од хоспитализираните, најчесто едно-две деца се со хронични заболувања“,вели доктор Мицевска за МИА.
Таа истакна дека ако се појават симптоми на акутна инфекција, како што е зголемена температура, доколку состојбата на детето е добра, во првите 24-48 часа родителите треба да се обидат во домашни услови да ја намалуваат температурата, да му даваат течност и да ја следат состојбата.
„Подоцна, ако има некакво влошување на состојбата и ако не се намалат или не се повлечат симптомите, родителите треба да го однесат детето на матичен лекар или во дежурна служба. Превенцијата против овие инфекции подразбира да не се носат децата на места на кои има многу луѓе, а децата што имаат симптоми на акутни вирусни инфекции треба да се изолираат дома и да не се пуштаат во училиште и во градинка“, додава д-р Мицевска од Детската клиника во изјавата за МИА.
Минатата недела од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) рекоа дека од 5 до 11 јануари биле регистрирани 2 322 заболени од грип. Најголем број од заболените (1 378) се на возраст од 15 до 64 години, а највисока инциденца има кај децата на возраст до четири години и од пет до 14 години.






