Сиљановска-Давкова му кажа на дипломатскиот кор: дека бил потребен “нов импулс на мултилатерализам” што ќе ги штител слабите
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Охрид го организираше традиционалниот годишен прием за претставниците на дипломатскиот кор, при што ја истакна важноста на културната, економската, спортската и научната, покрај традиционалната дипломатија. Според претседателката, дипломатијата не е само збир на протоколарни активности, туку докажан цивилизациски механизам којшто успева истовремено да урива ѕидови и да гради мостови.

– Вие, дипломатите, персонифицирате знаење, умеење, умереност, вештина и упорност во потрагата по решенија за сериозни проблеми, преферирајќи преговори, договори и потписи, наместо конфликти, уцени и оружје – рече Сиљановска-Давкова и додаде дека лично, повеќе верува во силата на аргументот, отколку во аргументот на силата.
Таа истакна дека сегашноста е новата реалност, конфузна, контрадикторна и неизвесна. Притоа меѓународниот поредок не е заснован на меѓународното право, а уште помалку на правда, етика и морал, туку отворено се повикува на моќ, оружјето не мирува, туку се активира, дебатата за хармонијата со природата стивнува, евроатлантицизмот не е синоним за усогласена и солидарна алијанса.
– Претпочитам тркалезни Артурови маси, наместо мапи на фронтови и цели на уништување. Повеќе верувам во силата на аргументот, одошто во аргументот на силата. За мене, мирот не е само отсуство на војна, или нејзино продолжение, туку природна состојба, иманентна на човечката генеричка суштина – рече претседателката.
Сиљановска- Давкова истакна дека секоја средба со претставниците на дипломатскиот кор ја потсетувала и убедувала дека меѓународниот систем не е само механички збир на норми, институции, актери и односи, туку инспириран и втемелен на врвни вредности и принципи, околу коишто се градела меѓусебната доверба и вербата во хуманото, доброто и праведното – внимателно, тивко, полека и со многу трпение.
Таа рече дека не верувала оти толку бргу ќе дојде времето кога повторно ќе се отворат прашањата за коишто мислела дека едно полнолетно човештво одамна ги надминало и затворило: време на војни, милитаризација, нова трка во вооружување, време на хибридни закани, сајбер-напади, дезинформации, авторитаризам, брутален реализам…






