Петровска на Конгресот на СДСМ: Ако не се смениме, ќе исчезнеме од политичката сцена

На 31. Конгрес на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија се отворија тешки, но неопходни прашања за иднината на партијата, оцени поранешната министерка и пратеничка Славјанка Петровска, посочувајќи дека по два сериозни изборни порази, молкот и избегнувањето на суштинска дебата повеќе не се опција.

Петровска нагласи дека последниот изборен резултат е катастрофален и дека не е изолиран инцидент, туку директна последица на долгогодишно отсуство на отворени дискусии и критичка анализа на поразите од 2024 и 2021 година, како и недоволно сериозно согледување на резултатот од парламентарните избори во 2020 година. Според неа, повторувањето на истите грешки би било кобно за партијата.

Таа предупреди дека социјалдемократијата како идеја е жива, но дека без вистинска промена во начинот на функционирање, СДСМ ризикува постепено да биде маргинализиран, а во крајна линија и целосно да исчезне од политичката сцена.

Во таа насока, Петровска предложи конкретни демократски промени, меѓу кои и статутарна измена со која претседателите на општинските организации би се избирале непосредно од членството, наместо да бидат именувани од претседателот на партијата, како што е досегашната практика. Според неа, ваквиот чекор е неопходен за враќање на вистинската моќ на одлучување кај членовите и за обновување на довербата во внатрепартиската демократија.

Особен акцент беше ставен и на значењето на критичката мисла, која, како што порача Петровска, е суштинска одлика на социјалдемократијата и не смее да биде задушена. За да се расчистат дилемите околу мотивите и намерата на критиките во партијата, таа предложи воведување политички ветинг за сите сегашни и поранешни носители на јавни и партиски функции, како и за членовите на раководството.

Целта, според неа, е да се спречат јавни пресметки и непримерни објави „едни против други“, кои дополнително ја разоруваат партијата и ја оддалечуваат од граѓаните.

Петровска заклучи дека со јасна стратегија, искрено соочување со реалноста и одлучно дејствување, секој проблем може да се претвори во предизвик, а секој предизвик – во можност за нова победа.

Извор: skopje1.mk

Back to top button
Close