Пресметка во врвот на МАНУ: Претходниот претседател бара оставка од сегашниот

Љупчо Коцарев, претходниот претседател на МАНУ, побара оставка од сегашниот, Живко Попов, обвинувајќи дека тој бил дел од „разнебитувањето“ на Академија што се случило во 2025. Попов беше избран за претседател на МАНУ во ноември 2023.

Парафразирајќи библиски стих за лажни претседатели, „кои доаѓаат во овча кожа, а однатре се волци грабливи“, Коцарев во текст во „Нова Македонија“ му порача на Попов да си замине „за доброто на МАНУ“.

Коцарев вели дека состојбата во 2025 била „анархија, самоволие и безизлез, за што исклучиво е виновен претседателот на МАНУ“. Тој наведува дека имало огромен број нелегални дејства што ги потпишал претседателот на МАНУ во 2025.

Меѓу нив ги споменува: договорот за вршење вонредна внатрешна ревизија; Одлуката за потврдување на одлуката за прераспределување, донесена од ист орган по приговор на вработениот, со кои е прекршено уставно загарантираното начело на двостепеност и принципот на праведна постапка и непристрасност; Одлуките за бесправно раскинување договор за работа; Одлуки донесени спротивно на интерните акти на МАНУ и актите проследени до надлежни инстанции, кои не обезбедуваат правна сигурност и веродостојност на интерните акти на МАНУ и на одлуките на Претседателството на МАНУ.

Коцарев тврди дека подобрување на состојбата во МАНУ во 2026 е „невозможна мисија“ и за тоа бил виновен исклучиво претседателот на академијата. „Разумот и словото на правото одамна – повеќе од една година, не се присутни во просториите на Академијата. Континуирано, синхронизирано и оркестрирано, низ шепот, провејуваат неосновани обвиненија против мене, се оцрнува работата на досегашниот секретар на Секретаријатот на МАНУ, се проблематизираат барањата на членовите на МАНУ, кои за одредени прашања немаат исто мислење со претседателот на МАНУ“, вели Коцарев.

Извор: nezavisen.mk

Back to top button
Close