Словенија ја зголемува минималната плата
Минималната плата во Словенија годинава ќе изнесува 1.482 евра бруто, што е за 15,97 отсто повеќе од лани, најави словенечкиот министер за труд Лука Месец.

Како што пишува Форбс Словенија, повикувајќи се на изјавата на министерот, зголемувањето на минималната плата претставува значаен чекор напред во заштитата на стандардот на вработените, но повторно ја отвори дебатата меѓу Владата и работодавачите за трошоците за работна сила и распределбата на профитот.
Истовремено, словенечкиот премиер ја критикуваше реториката на некои работодавци, велејќи дека отпорот кон зголемувањето на платите редовно се случува „кога ќе дојде моментот да се подели дел од профитот со работниците“.
Тој истакна дека словенечките компании во претходниот период оствариле добри деловни резултати и дека е фер и вработените да чувствуваат дел од овој раст преку повисоки плати.
Од друга страна, дел од бизнис заедницата предупредува дека растот на минималната плата ќе ги зголеми деловните трошоци и дополнително ќе ги оптоварува компаниите, особено во трудоинтензивните сектори.
И покрај овие предупредувања, од Владата на Словенија велат дека зачувувањето на куповната моќ на работниците и намалувањето на социјалните разлики е поважен приоритет, особено во услови на зголемени животни трошоци и инфлациски притисоци.






