Фрчкоски: Медиумски октопод на Орбан како политичка алатка на ВМРО во Македонија
Членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски соопшти дека Антикорупцискиот тим на неговата партија во изминатиот период го разоткри и системот на пропагандата и медиумскиот октопод на власта. Тој на прес-конференција истакна дека станува збор за политички проект на ВМРО-ДПМНЕ за ширење на влијанието на унгарскиот премиер Виктор Орбан и преземање контрола врз стратешките сектори и пред се во медиумите и телекомуникациите.

Според Фрчкоски, унгарски компании и поранешни високи функционери од унгарскиот јавен сервис, Агнес Адамик и Петер Шац, блиски до Орбан, систематски купувале контролни удели во македонски телевизии и портали.
„Петер Шац, поранешен раководител за бизнис развој во Унгарската телевизија, е основач на неколку медиумски фирми во Унгарија, политички профилирани во корист на Орбан-базираниот медиумски наратив против политиките на ЕУ.
Агнес Адамик ја напушти Унгарската национална телевизија во 2012 година и подоцна основа свои медиумски компании во Македонија што го следеа истиот модел на експанзија.
„Target Media“ ДООЕЛ Скопје – основана во април 2017 година од Петер Шац, сопственик на 99 % од „CHS Invest Group“ со мнозинство удели во телевизијата Алфа ТВ.
Исто така во 2017 година. „Adinamic Media“ фирма основана од Агнес Адамик во Македонија, која е на чело на група компании што контролираат повеќе веб-портали и онлајн медиуми: Прва Република, под сопствеништво на Republika – а од скоро и на порталот Пресинг.мк.
ЕМ Медиа, сопственик на порталите Курир, Денешен, Економски и Вистина.
Сето ова, фактографски го покажуваат и истражувањата на OCCRP и BIRN целосно го откриваат ова“, кажа Фрчкоски.
Според него, во овој контекст мора да се гледа и последната одлука на Владата за влез на унгарската компанија 4iG во телекомуникацискиот сектор. Тврди дека ова не е изолиран економски потег, туку дел од поширок политички проект.
„Проект во кој Мицкоски и ВМРО дејствуваат како локални извршители на стратегијата на Орбан: прво, за ширење на неговото политичко и бизнис влијание, и второ, за преземање контрола врз стратешки сектори како телекомуникациите и медиумите.
Се создава мрежа на авторитарни влијанија која ја оддалечува Северна Македонија од Европската Унија, ја поткопува медиумската независност.
Не случајно, за овие појави реагираа и европратеници, а Европската комисија побара поголема транспарентност и спречување на опасна медиумска концентрација.
Нашиот Антикорупцискиот тим ќе продолжи јавно да ги разоткрива овие шеми. Како што најавивме по нашата „Хроника на токсични наслови“ ќе се обратиме до сите меѓународни институции, вклучително и до ЕУ“, истакна Фрчкоски на прес-конференцијата.





