Филипче го обвини Николоски за камионџиите, нарекувајќи го независен аналитичар

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на седница на Националниот совет за евроинтеграции изрази сериозна загриженост поради, како што рече, целосниот застој на европскиот пат на државата и практикувањето на „антиевропски манири од страна на актуелната власт“.

Тој го обвини министерот за транспорт и врски, Александар Николоски за состојбата со камионите, по денешната блокадата на граничните премини.

„Нашите граѓани и економија конкретно ќе го почувствуваат, ограничувањето на движењето на нашите превозници со воведувањето новиот електронски систем од Европска Унија. Ќе крахира економијата, што би рекол еден независен аналитичар и со тоа упатува сериозна порака до еден министер вицепремиер во владата којшто треба да се занима со тоа и којшто не требал да доведе или требал да направи нешто да тоа не се случи, а тој независен аналитичар се вика Александар Николоски. Предупредува дека ќе крахира економијата, внимавајте кога над 60, 70% од нашата економија, извозот и увозот, посебно, поединечно се врзани со земји членки на Европската Унија. Граѓаните по којзнае кој пат ќе го платат цехот и цената на овие лоши владини политики“ рече Филипче.

Тој ја обвини власта дека како што рече, во речиси половина од нејзиниот мандат нема никаков напредок во исполнувањето на европските обврски, ниту пак се работи по забелешките од европските извештаи. Според него, наместо реформи, се практикуваат политики кои ја оддалечуваат државата од Европската Унија, во време кога, како што посочи, геополитичките околности драматично се менуваат, а земји како Украина и Молдавија напредуваат на европскиот пат.

Тој се осврна и на изјавите на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој повикува на политички одлуки за проширување на ЕУ, но, како што рече Филипче, во тие контексти Македонија воопшто не се спомнува, што, според него, укажува дека државата не си ги завршила домашните задачи и не е подготвена за евентуална политичка одлука за прием.

 

Back to top button
Close