Работна група на Судскиот совет ќе проверува дали битолскиот суд законски му го укинал притворот на газдата на „Марковски компани“
Судскиот совет на денешната 536. седница донесе одлука да формира работна група што ќе проверува дали Основниот суд Битола постапил согласно законските надлежности при укинувањето на притворот на сопственикот на „Марковски компани“, Борче Марковски, во замена за гаранција од 4,9 милиони евра.

Членките на Судскиот совет – Павлина Црвенковска, Данка Ристова и Сузана Јошевска-Анастасовска, што ќе го проверуваат постапувањето на Основниот суд Битола во случајот „Марковски компани“ /
Фото: Колаж „360 степени“
Марковски е еден од осумте обвинети за злоупотреби на тендерот за дислокација на погонските единици од рудникот „Осломеј“ во рудниците на РЕК „Битола“, вреден 1,7 милиони евра.
Одлуката за укинување на притворот во замена за гаранција во движен и недвижен имот битолскиот суд ја донел на 16 јануари годинава, постапувајќи по жалба на обвинетиот, а за неа јавноста дозна една недела подоцна, по објави во дел од медиумите, а по кои официјално се произнесе и битолскиот Основен суд.
Со гаранцијата, мерката притвор на Марковски му е замената со мерки на претпазливост, односно одземен му е пасошот и има обврска еднаш неделно да се јавува во битолскиот суд.
Жалбата на одбраната на Марковски ја прифатил Кривичниот совет на Основниот суд Битола, откако претходно судија на претходна постапка од истиот суд го отфрлил предлогот како неоснован. Со укинување на мерката притвор не се согласило и Основното јавно обвинителство Битола.
Инаку, овој случај првично не беше на дневен ред на денешната седница на Судскиот совет. На неа се најде по предлог на членот на Советот, Ивица Николовски, кој пред утврдувањето на дневниот ред, побара негово дополнување.
„Предлагам дополнување на дневниот ред со предлог формирање на работна група за увид во предмет за постапување и одлучување на Основен суд Битола, а поврзан со случајот ‘Марковски’. Сите сме сведоци, сите ги читаме секојдневните написи на електронските медиуми во кои се изнесуваат наративи или содржина со кои се осудува постапувањето на тој суд или, да кажам, се нарушува угледот на судот. И затоа сметам дека е упатено како надлежна институција која ја следи работата на судовите да се изврши увид и да се констатира една состојба што е што“,
рече тој.
Членот на Судскиот совет, Ивица Николовски / Фото: Принтскрин
На предлогот се надоврза неговата колешка од Советот, Антоанета Димовска, која рече дека станува збор за суштинско прашање, бидејќи не се работи за поединечен случај, туку за судска пракса кога се работи за гаранциите. Таа рече дека Судскиот совет треба да иницира средба со Врховниот суд и со четирите апелациски судови во државата, на која ќе се дискутира за ова прашање.
„Да се вратиме назад на извештајот кој беше изготвен од колешката Данка Ристова, токму за гаранциите и како се постапува. Ние сè уште очекуваме да бидеме повикани на средба и еве отворено кажувам и го повикувам Врховниот суд и сите четири апелациски суда да се пристапи навистина сериозно на ова прашање, бидејќи таму беа констатирани недоследности во примена на законот. Не се работеше за поединечен случај туку за судска пракса и покрај ова треба уште еднаш да земеме, еве предлагам ние да ја иницираме таа средба, бидејќи очигледно има проблем. Од денешната седница да иницираме дека има потреба од средба и во наредниот период да дадеме покана. Во текот на февруари тоа да биде направено“,
рече членката на Судскиот совет, Антоанета Димовска.
Членката на Судскиот совет, Антоанета Димовска / Фото: Принтскрин
Николоски во дополнителното образложение, пред предлогот да биде ставен на гласање, рече дека Советот мора да има прецизен став и мислење за постапувањето во конкретниот предмет.
„Таму имаме некоја непотпишана изјава од еден од судиите во која известува за работи поврзани со постапувањето на тој суд. Од друга страна, голем број медиуми деновиве интензивно значи изнесуваат наративи кои официјално не се потврдени, но укажуваат на отстапување од судиската должност и примена на законите и носење одлука, која е да речеме сомнителна или ваква-таква. Ние сме орган којшто ја следи работата на судовите и на работата на судовите и не треба да се дозволи да се шпекулира, тоа ќе значи и одбрана на судиите во насока на едно независно и самостојно постапување и одлучување, но, зависно од констатираната состојба можеби ќе има потреба од дополнително укажување и преземање на… Од тие причини ние не смее да шпекулираме, точно треба да имаме став, мислење во однос на постапување со тој предмет и од тие причини предлагам работна група. Со оглед дека станува збор за кривичен предмет би предложил тоа да бидат двајца колеги на кои кривичната материја им е поблиска“рече Николовски.
Предлогот за формирање работна група беше усвоен со 11 гласа „за“ односно беше прифатен од сите членови на Судскиот совет присутни на денешната седница
За членови на работната група беа избрани Павлина Црвенковска, Данка Ристова и новата членка на Советот, Сузана Јошевска-Анастасовска.
Што се однесува до укинувањето на притворот на Марковски и определената гаранција од Основниот суд Битола подетално информираа во петокот преку писмено соопштение. Во него се наведува дека во октомври минатата година, бранителот на Марковски поднел предлог за укинување на притворот и определување гаранција во износ од 4,9 милиони евра во движен и недвижен имот. Еден месец подоцна, битолското обвинителство доставило мислење до Судот со предлог да не се прифаќа барањето на бранителот на Марковски.
Откако судија на претходна постапка го одбил предлогот како неоснован, одбраната на Марковски поднела жалба, а по неа одлучувал Кривичниот совет на битолскиот суд.
На 16 јануари годинава, Кривичниот совет при Основниот суд Битола одржал седница на која ја прифатил жалбата на обвинетиот – да се определи гаранција од 4,9 милиони евра во движен и недвижен имот, да се укине мерката притвор и да се определат мерки на претпазливост – привремено одземање на пасошот и забрана за издавање нов, како и обврска обвинетиот еднаш неделно да се јавува во Основниот суд Битола.
Сопственикот на „Марковски компани“ пуштен од притвор со гаранција од 4,9 милиони евра
„Гаранцијата е определена на износ од 4 937 317 евра, што значи дека е речиси трипати повисока од евентуалната имотна корист, а му се замрзнати и финансиски средства“,рекоа од Судот во Битола.
Оттаму имаа забелешка на приговорот на Основното јавно обвинителство Битола бидејќи, како што велат, за еден обвинет било дадено позитивно мислење за гаранција, а за друг не.
„Крајно од страна на Основното јавно обвинителство Битола дадено е позитивно мислење за прифаќање на гаранцијата во износ од 169 286 евра – во недвижен имот, за едниот осомничен. Друго е прашањето и зошто од девет обвинети, во текот на истражната постапка само за двајца е предложена мерка притвор од страна на Основното јавно обвинителство Битола“наведоа во соопштението од Основниот суд Битола.
За потсетување на 2 јануари годинава Основното јавно обвинителство Битола поднесе обвинение против осум физички и едно правно лице, меѓу кои и бизнисменот Борче Марковски, поради злоупотреби на јавни набавки во РЕК „Битола“.






