Поапсете ги, конечно да се спасиме

Биљана Секуловска

Откако елегантно се реши пропаста на Алта банка со нов Кривичен закон во кој ќе се оди во затвор за кревање паника и пласирање лажни вести, СДСМ конечно треба да го прослави овој нивен историски успех. Победата е извојувана само со самиот факт што не заработија смртна казна, благодарејќи сепак на милоста и благоста на власта.

Каква е таа врвна чест, кристално е јасно дека ова не е крволочното владеење на Груевски.  Затоа што, додека гние опозицијата по затвори, нормално, новинарите се изземени од занданскиот прогон. Разбирливо, затоа што, за жал, некој ќе мора и да ја информира јавноста за злоделата на непријателските елементи. Сепак, новинарите во вакви општества понекогаш имаат некаква улога, макар како статуи држеле микрофони и климале со глава како навистина да ги интересира другата страна што има да соопшти. Конечно, дури и за Голи оток се знаело до каде може да заврши нелојалноста кон Тито и Партијата, и оттука, завршува постоењето на опозиција. Зошто сега не би биле барем за нешто корисни новинарите, ако за ништо друго, барем да ги предупредат сите критичари што ги очекува ако не замолчат засекогаш?

Со кривични пријави засега се само опфатени Венко Филипче, Андреј Жерновски и Саша Димитријевиќ. Би било чесно и одговорно од власта да ги поапси сите останати на Бихаќка, траг да не им остане, трева никогаш да не може да никне. Така соодветно, со поапсена опозција, ќе може и за една година да го прославиме Скопје како Европска престолнина на културата. Само едно не е јасно во оваа титула која е добиена, што е секако голем и заслужен успех, сеедно што е заработена во времето на владеењето на СДСМ, но и онака таа иредентистичка багра нема некоја блескава иднина, после затворската перспектива која им се клешти злорадо.

Но, има само една енигма во целиот триумф со прогласувањето на Скопје за европска културна престолнина, иако се разбира дека ништо не е ургентно, ниту алармантно. Но, сепак, едно скромно прашање- дали гостите во 2028 година ќе мора сами да носат капаци за контејнерите на улица, или ние да ги донираме за да не го посрамотиме градоначалникот на градот на културата, Орце Ѓорѓиевски?

Back to top button
Close