Филипче: Оваа Влада нема да издржи до 2028 година

Економска криза, избори, па „мигранти за пари“ – вакво сценарио ја очекува државата, вели лидерот на СДСМ Венко Филипче во неделното интервју за РСЕ. Власта ја обвинува за изолација на државата од европскиот пат и предупредува за врски со властите во Србија и Унгарија, но и со Русија. Наводните притисоци кон докторот Жан Митрев, според него се, „измислен рекет случај“. За случувањата во СДСМ, Филипче вели, не стравува од пуч.
Господине Филипче, периодов поголем предизвик за Вас како лидер е да го одржите единството во партијата или да го вратите рејтингот?
Гледајте, јас се занимавам со менаџирање на еден комплексен систем што се вика политичка партија, а кога се менаџира голема политичка партија како СДСМ, обврска и задача на претседателот е да ги знае сите трикови. Така да ги менаџирам луѓето, различните желби, интереси, различните доживувања.
Во контекст на тоа имавме успешен конгрес пред практично една недела на којашто се разви навистина добра и продуктивна дебата. Тој конгрес согласно статутот, беше конгрес на којшто се разговараше и дебатираше за резултатите од локалните избори во 2025, меѓутоа како и секогаш се отворија многу други теми, имаше одлични предлози, имаше одлични сугестии. И од таа дебата практично еве веќе сега во партиските тела и органи се структурираат предлог промени во делот на Статутот, коишто се на барање на членовите, што значи дека владее една навистина демократска атмосфера во која секој глас е важен, секој еден глас се слуша и секој може да се инкорпорира, секој конструктивен и продуктивен предлог да се инкорпорира во тоа што значи партиско работење и начин на креирање на политиките.
И во другиот дел, враќањето на рејтингот, нешто за што сметам дека прво е потребно време. Меѓутоа еве времето постепено поминува и сум прилично сигурен, а и некои наши истражувања коишто ги правевме непосредно сега во изминатите две недели укажуваат на тоа дека перцепцијата кај граѓаните постепено се менува. Свесни се дека оваа власт не може да ги испорача лажните политики коишто ги ветуваше и дека практично СДСМ е единствениот државотворен фактор којшто може вистински да се грижи за државата.
Сметате дека можете тоа да го постигнете со заострената реторика којашто се забележува во последно време и на прес-конференции и во соопштенијата?
Не само што сметам, јас сум сигурен. Ние за таа реторика, каква и да е, имаме сериозни аргументи. Работите на коишто укажуваме, дека државата не оди во добар правец, изолацијата во којашто оваа власт не тера, криминалните тендери и постапки коишто ги организираат за свои луѓе, врските со Путин коишто се видливи на ниво на вицепремиер на Владата, влезот на сомнителен капитал од Србија, понатаму маргинализацијата од сите меѓународни институции, настапот на нашиот премиер во Давос кога ниту еден политичар не го прими – сето тоа ни укажува дека државата не оди во добар правец.
Дополнително на тоа, немањето добри политики за граѓаните – еве гледајте минатата недела се случи генерален протест на Сојузот на синдикати. Тие луѓе протестираат со издржани аргументи, со реални потреби и барања на работниците за што Владата во континуитет нема слух. Така да на ниво на внатрешно менаџирање на државата, со кризата којашто не очекува поради огромната дупка, дефицит на средства во буџетот и со меѓународната изолација, оваа Влада не и мисли добро на државата.
Ќе се задржам уште малку на партиските случувања, па ќе се вратиме на случувањата во државата. Имате ли информација за некаква внатрепартиска платформа или иницијатива за Ваша промена?
Не, таква работа нема. Еве кажав што се случуваше на Конгресот, навистина добри предлози, сугестии, отворени, искрени, чесни дискусии од дискутантите, пофалби и критики коишто беа аргументирани. Што се однесува до овие шпекулации коишто и јас ги слушам, меѓутоа нема вистина во тоа, може да кажам една работа – јас имам легитимен мандат. Мене пред неколку месеци ме гласаа 20.000 членови да ја водам партијата во следниот четиригодишен мандат. Вратите се отворени за сите.
Притисок кај мене не врши работа, ниту може некако и нешто да придонесе. Гледаме разни излети на партиски другари во јавноста, што мислам дека не е коректно, поради тоа што работите, забелешките се кажуваат тука во партијата. Кој што има да каже нека каже, вратите се отворени за сите.
Стравувате ли, да речеме, од некаков пуч во СДСМ?
Не стравувам од ништо поради тоа што праведните политики, искрената желба и волја, искрената намера партијата повторно да ја вратиме на победничките патеки е на моја, односно на страна на раководството. Секој е добредојден и повторно ќе кажам нормално е да немаат сите исто мислење, ниту пак да се сите задоволни од мојот начин на менаџирање, меѓутоа јас сум отворен за сите тие сугестии да ги слушнам тука во партијата.
Затоа што како што видовме по примерот на Движењето ЗНАМ, кое се формираше пред повеќе години, неколку изборни циклуси, единствено во насока на којашто оди таа фрагментација на СДСМ, оди во корист на ВМРО-ДПМНЕ. И ние знаеме за таа комуникација и поддршка којашто ја имаа и во периодот кога се формираше, а сега и формално кога се во коалиција, ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ. Тоа се поранешни наши членови. Значи секоја дополнителна фрагментација на партијата оди единствено во корист на ВМРО-ДПМНЕ и, за жал, во никаква корист за граѓаните или за државата.
Обвинителството оформи предмет за наводни притисоци од Вас како министер за здравство и поранешниот премиер Зоран Заев врз докторот Жан Митрев за продажба на неговата клиника. Дали воопшто сте воделе некакви разговори со докторот Жан Митрев?
Никакви разговори во овој контекст. Тука се поставува прашањето зошто Жан Митрев до сега не поднел пријава во обвинителство? И зошто сега, откако го објави на тој начин во јавноста, не поднесе пријава во обвинителство туку чека обвинителството тоа да го направи по допрен глас? Очигледно дека нешто не е како што треба и дека станува збор за монтиран случај. Повторно некој монтиран, измислен рекет случај. Но како и да е, ќе чекаме обвинителството да се изјасни, а откако ќе констатира дека ништо од тоа не е вистина, е тогаш ќе поднесам приватна тужба против Жан Митрев за нарушување на честа и угледот, заради тоа што тоа за мене е највредно во животот. Јас макотрпно сум работел и некорумпирано, ниту на Клиниката за неврохирургија, ниту во рамките на мојата јавна функција во Министерството за здравство немало системска корупција и нема да дозволам некој да ми ги валка честа и угледот, заради тоа што за мене тоа е највредно.
Ја обвинувате власта за оска со Александар Вучиќ и Виктор Орбан. На што ги темелите ваквите тврдења за врска со српската и унгарската влада?
Не ги обвинуваме ние, тоа стои напишано во извештајот на Европскиот парламент. Тоа го констатирале европските институции, а ние сме само сведоци дека секојдневно се случува врската со Орбан преку кредитот којшто стигна од сомнително потекло од милијарда евра, за којшто никој не знае ниту кажува каде се парите. Очигледно дека се потрошени. Требаше да бидат наменети за општините, требаше да бидат наменети за компаниите, нема никаков отчет, целосно нетранспарентно земање на тој заем и уште понетранспарентно трошење на, внимавајте, милијарда евра коишто ќе ги враќаат следните генерации. Не знаеме каде се.
Понатаму каква е таа релација на вицепремиерот Стоиљковиќ со луѓе блиски на Путин, со средби со „Ноќните волци“, луѓе блиски до Путин? Пазете, вицепремиер во држава го прави тоа. Понатаму, следниот аргумент, доаѓањето на АЛТА банка за којашто знаеме – кој ги прати медиумите во соседството се знае дека тоа е сомнителен капитал, којашто банка беше одбиена од земја членка во ЕУ кога сакаше да влезе и да функционира и да работи во ЕУ. Па што сме ние? Отпад во којшто може се да се смести?
Значи не сме ние тие коишто обвинуваме, тоа го кажува Европа, констатирано е од страна на Европскиот парламент, внесено е официјално во извештајот за Северна Македонија, а ние само го аргументираме дополнително со вакви случаи за коишто во ниту еден момент нема демант од нашата Влада.
За таа врска зборувате дека ги штити интересите на Русија на Балканот. Го споменавте вицепремиерот Стоиљковиќ, може ли да посочите други конкретни примери за релации со Москва?
Зарем не ви е доволно што сме целосно изолирани и не се прави никаков чекор напред кон ЕУ? Зарем не ви е доволно тоа што оваа власт има антиевропски манири на практикувањето на власта? Еве спомнав неколку, ќе додадам уште неколку. Освен сомнителниот капитал од Србија, освен врските со луѓето коишто се блиски на Путин, што се прави за да се продолжи европскиот пат на земјата којшто е стратешки правец од моментот кога сме независна држава од 90-тите години? Не се прави ништо. Намерно се влошуваат односите со соседите – препукување, навреди за политичари во Бугарија, изјави на премиерот дека го вратил уставното име, па стигнува протестна нота од Грција. Тоа не е во манирот на добрососедските односи.
Никаков чекор напред ниту за нешто што се практични решенија и потреби на граѓаните. Сега протестираат превозниците. Па сето тоа е поради тоа што оваа Влада воопшто нема намера да направи никаков чекор ниту во реформите. Не донесе ниту еден, само еден реформски закон и тој е донесен со трик – не се имплементирани препораките од оценската мисија во Законот за Судски совет, затоа што Владата само сака да прикаже дека се спроведува реформата и тоа страшно успорено, само неколку точки од над 40 има имплементирано и тоа е само показател дека оваа Влада нема никаква волја да продолжи земјата по европскиот пат што е единствениот пат напред.
Се знае што е на масата. На масата има конкретен предлог и оваа Влада мора да знае треба да престане да ги лаже граѓаните. Ветува измена на преговарачката рамка, не е возможна да се случи. Ги плашат граѓаните дека имаме некаков ризик од загрозување на нашите национални идентитетски прашања во рамките на преговорите. Тоа не е точно. Стигнува демант од Бугарија. Треба да се направат уставните измени да се отворат поглавјата, да почнат вистински реформите, затоа што се друго е целосно маргинализирање на оваа земја. Ние останавме во овој момент, сме на маргините на Европа.
Мицкоски ве прозва дека не го почитувате Преспанскиот договор со тоа што не го употребувате уставното име.
Мицкоски многу често бара изговори и гледам дека е многу умешен тоа да го прави, меѓутоа кога ќе ги видите наназад неговите изјави и кога ќе ги споредите со тоа што било во време на опозицијата, минатата 2024 година и така натаму, ќе видите дека неговите изјави се контрадикторни. Единствено нешто што Мицкоски прави е да бара изговор за своите антиевропски и изолационистички политики коишто ги воведува и ги практикува тука во државата.
Мицкоски со своите изјави не прави ништо друго. Ќе го враќаше името, ќе го менуваше Преспанскиот договор, ќе поднесеше оставка ако се потврдеше поврзаност на таа Агенција за обезбедување со дискотеката „Пулс“ и да не ви ги редам сите други изјави коишто човекот едноставно еднаш зборува едно, друг пат зборува друго. Неговите изјави за жал се популистички, сака да се допадне на некоја одредена категорија на граѓани, сака да во некој момент има одговор на кое било прашање, но тоа не е ништо суштинско, нема ниту една храбра политика во интерес на државата и граѓаните. На тоа се сведени изјавите на премиерот, за жал.
Исто така предупредувавте исто така и за опасност од носење мигранти од Велика Британија. Дали како опозиција освен пишувањата на британските медиуми имате некаков друг доказ? Власта е децидна дека тоа нема да се случи.
Тие информации потекнаа од британските медиуми и тоа не било какви туку навистина релевантни. Вие ги знаете „Тајмс“ и така натаму, коишто релевантни кредибилни новинари укажаа дека нашата земја преговарала со нивната Влада за влез на мигранти во земјата. И тоа е сценариото, да знаете дека тоа ќе се случи. Прво следи економска криза поради недостиг на пари, па следат избори и на крај проектот мигранти за пари. И тоа е сценариото на оваа власт, ништо друго и ништо поинаку.
Да одговорам директно, ако Владата сакаше да демантира имаше две можности од коишто една и ние ја понудивме како конструктивна опозиција за да се смират граѓаните. Гледајте за тоа прашање се зборува насекаде, на секое ниво – од улиците, пазарите, маркетите, секаде луѓето зборуваат за тоа, стравуваат од тоа. Што можеше Владата да направи, а не направи? Прво да ги демантира прашањата коишто дојдоа од британските медиуми. Нас тие новинари ни кажаа дека на прашањата нашата Влада не одговорила. И второ, зошто не ја потпишаа резолуцијата којашто ние ја понудивме?
Ввие како опозиција поднесувате резолуција, ВМРО-ДПМНЕ кога беше опозиција собираше потписи против наводите дека ќе има кампови за мигранти. Впечатокот е како да си ги сменивте улогите.
Видете, многу е битно да се види кои и чии политики се искрени и имаат континуитет, а чии политики биле лицемерни. Ако тие навистина тогаш кога собирале потписи за мигранти се грижеле за тоа, зошто сега не ја потпишаа нашата резолуција во којашто експлицитно стои дека ние не сакаме таканаречен проект „мигранти за пари“?
Или во контекст на овие актуелни случувања со протестите на Сојузот на синдикати. ВМРО-ДПМНЕ исто така ги поддржуваше кога беше во опозиција. Се поставува прашањето зошто кога беа во опозиција ги поддржуваа тие протести за зголемување на платите, иако тогаш имаше континуирано зголемување на платите зошто нашата влада тоа го правеше, а сега кога имаат механизми и можност тоа да го направат – не го прават. Тоа значи дека нивните политики се лицемерни. И обратно, нашите се извинете но конзистентни.
Сојузот на синдикати во време на СДСМ бараше 500 евра минималец, што не се случи.
Но, имаше систем во кој ќе стигнеа до 500 евра, а оваа Влада ги запре на 400. И тоа е факт. Таа плата не беше 400 евра цело време. Беше 150 евра. Ние ја зголемивме повеќе од 100%. Имаше континуиран процес на раст. Како се гледа дека нашите политики не се лицемерни туку се конзистентни – тоа што и сега, и не само сега апропо протестите, и во 2024-та исто така поднесовме закон да се зголеми минималната плата што оваа власт го одби.
Ај да видиме сега што ќе прават со законот којшто го поднесуваме во Собранието, во којшто легитимни се барањата на работниците, луѓето не можат крај со крај да врзат. Па ни две, ни три плати не се доволни за синдикалната кошница. Третина оди за храна, пијалак. Струјата поскапе, сметките сега ги поскапеа градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, неколкукратно пораснаа комуналните трошоци. Каде се другите трошоци за образование на деца? Тоа се реални потреби на работниците, не може оваа Влада да затвора очи и туку така да ги откачува додека премиерот кажува колку ќе се трошело струја во регионот во следните 100 години.
Дали очекувате дека власта без ваша согласност ќе ја укине техничката влада?
Да, апсолутно. Очекувам да ги продолжи тие авторитарни манири во коишто нема слух за предлозите на опозицијата, нема аргументи и туку така ги откачува. И еве ги нашите аргументи. Ако таа влада била донесена со консензус, зошто сега оваа тендер-коалиција сака да ја укине без консензус? Па уште кажуваат „еве сега ќе има ама следниот изборен циклус нема да има“.
Ние имаме аргументи, тоа треба да се одлучи врз основа на проценката на сите политички фактори, со консензус, дали општеството е зрело да се укине техничката Влада. Лесно е со две третини да правиш што сакаш. Прашањето дали си политички коректен, дали имаш слух за вистинските аргументи на другите политички фактори, дали имаш слух за волјата, потребата на мнозинството граѓани и за иднината на државата. Оваа власт, за жал, нема.
За крај споменувате сценарио за предвремени избори. Кога очекувате да се случат предвремени избори?
Не можам да претпоставам, меѓутоа мислам дека сигурно ќе има предвремени избори согласно кризата којашто не очекува, којашто оваа власт практично ја генерираше, не знае да ја изменаџира затоа што нема ниту волја ниту капацитет. Се грижи само за сопствените интереси, затоа што мора да се испорача тоа што никогаш не го демантираа дека ќе стигнат мигранти за пари и затоа се потребни предвремени избори. Дали ќе бидат на крај на оваа година, следната, ќе видиме, но до 2028-ма нема да може да издржи вака.
ИЗВОР: SLOBODNAEVROPA.MK






