Опозицијата бара 600 евра минимална плата веднаш: „Од први до први не се живее“

Од СДСМ порачаа дека е време премиерот Христијан Мицкоски да се соочи со реалноста на работниците и да „погледне во своите часовници вредни 65.000 евра“, кои, како што наведуваат, чинат колку 150 минимални плати и за кои работник со минималец би работел 12 години.

Според СДСМ, на работниците им е потребна достоинствена минимална плата од 600 евра сега, а не по најави за две години, бидејќи со сегашните примања и високите трошоци едвај преживуваат. Тие посочуваат дека потрошувачката кошничка за четиричлено семејство изнесува 66.413 денари, што значи дека за покривање на основните егзистенцијални потреби се потребни 2,8 минимални плати. Со две минимални плати, нагласуваат од партијата, едно работничко семејство не може да има достоинствен живот.

Опозицијата укажува дека со континуираните поскапувања на храната, електричната енергија, греењето и со инфлацијата, на граѓаните не им стигаат парите од први до први. Наместо изговори и одложувања, Владата, според СДСМ, мора веднаш да обезбеди средства за повисоки плати, додавајќи дека „не може да има пари за криминални тендери, а да нема пари за работниците“.

Во реакцијата се поставува и прашањето како е можно власта да се фали дека земјата е „четврта економија во Европа“, а истовремено да биде на дното по висината на платите. СДСМ тврди дека македонските работници денес имаат најниска минимална плата во регионот и во Европа, при што наведува дека Косово ја зголемува минималната плата на 500 евра, Албанија од 1 јануари 2026 година воведе минималец од 500 евра, Србија ја зголеми минималната плата на 500 евра, а во Црна Гора таа веќе се движи меѓу 600 и 800 евра.

Како последица на ваквите политики, според СДСМ, квалификуваните работници масовно заминуваат, младите се иселуваат, а државата се претвора во пазар за „економски работници“. Од партијата оценуваат дека ова води кон намерно обезвреднување на трудот и намалување на цената на работата, доколку тоа, како што велат, не е и свесна цел на актуелната власт.

Извор: skopje1.mk

Back to top button
Close