Техеран возвраќа на Брисел: Европските војски на иранската листа на терористи

Иран официјално ги прогласи армиите на европските земји за „терористички групи“, како одговор на одлуката на Европска унија да ја стави Иранската револуционерна гарда на листата на терористички организации. Одлуката ја соопшти претседателот на иранскиот парламент, Мохамад Багер Галибаф, обраќајќи се пред пратениците во Техеран.
„Во согласност со член 7 од Законот за контрамерки поврзани со прогласувањето на Корпусот на Исламската револуционерна гарда за терористичка организација, армиите на европските држави се сметаат за терористички групи“, изјави Галибаф. Тој додаде дека со обидот да ја нападнат Револуционерната гарда, „Европјаните всушност си пукаа во нога и донесоа одлука спротивна на интересите на сопствените народи, слепо потчинувајќи се на Американците“.
За време на седницата, Галибаф и дел од пратениците се појавија облечени во униформи на Иранска револуционерна гарда, како симбол на солидарност со организацијата. Засега не се јасни непосредните практични последици од ваквата одлука на иранските власти.
Одлуката на Европската унија, донесена во четвртокот, претставува значајна и симболична промена во европскиот пристап кон иранското раководство. Со неа, Револуционерната гарда беше ставена на истата листа со организации како Исламска држава и Ал Каеда, по најкрвавите пресметки со протестите во Исламската Република од нејзиното основање во 1979 година.
Иако дел од земјите членки на ЕУ, предводени од Франција, долго време се спротивставуваа на ваков чекор, високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Каја Калас, соопшти дека „репресијата не смее да остане без одговор“ и дека министрите за надворешни работи донеле одлучна одлука со означувањето на ИРГК како терористичка организација.
Галибаф најави и дека парламентарната комисија за национална безбедност ќе разгледува можност за протерување на воените аташеа на земјите членки на ЕУ од Иран и дека по ова прашање ќе биде воспоставена координација со иранското Министерство за надворешни работи.
Иранската револуционерна гарда е формирана по Исламската револуција во 1979 година со цел заштита на шиитскиот клерикален систем на власт. Со текот на децениите, таа стекна огромно влијание во земјата, контролирајќи значителни сегменти од економијата и од вооружените сили, што ја прави еден од клучните столбови на иранскиот политички и безбедносен систем.
Извор: skopje1.mk






