Мицкоски за „Безбеден град“: Очекувам драматично да се намали бројот на прекршоци

Премиерот Христијан Мицкоски очекува да се намали бројот на прекршоци во сообраќајот со проектот „Безбеден град“ чија имплементација почнува од денеска со казнувањето за сторени сообраќајни прекршоци. Вели дека е зголемен прагот на толеранција за казнување, но дека како ќе се навикнуваат возачите, така ќе се вратиме на европските критериуми.
– Го зголемивме прагот на толеранција, до 50 ќе биде 6 километри на час, над 50 девет километри на час, над 90 – 12 километри на час. Се зголеми таа толеранција да не се казнуваат, но како ќе се навикнуваат возачите, така ќе се вратиме на оние европски критериуми. Ние сега сме малку повеќе, ние сме некаде на 15 проценти. Не е поентата да се казнуваат граѓаните, туку да нема последици од сообраќајни несреќи и загубени човечки животи. Очекувам драматично да се намали бројот на прекршоци и казни, рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по означувањето на почетокот на изградба на булеварот „Македонија“ во Скопје.
За последното истражување на Институтот „Демократија“, премиерот рече дека никогаш не било доведено под знак прашање интегрирањето на нашата држава во рамките на ЕУ и покрај целата жртва што ја понеле граѓаните и понижувањата и изневерените очекувања од страна на поединци во Брисел.
– Граѓаните во Македонија се проевропски ориентирани, дури се поевропски ориентирани и од некои други земји членки на ЕУ и за тоа не треба никој да има дилема, рече Мицкоски.
Извор: fokus.mk






