Пресврт за пушењето на јавни места во Македонија од март

Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, порача дека Македонија е подготвена за сериозен пресврт во политиките за заштита од пушење, при што предлог-законот што е во јавна дебата е усогласен со највисоките стандарди на Светска здравствена организација и, според регионалните споредби, ја позиционира државата веднаш зад Словенија, која важи за лидер во оваа област.
Во анализата што ја презентира Клековски, се наведува дека Словенија и Хрватска имаат највисоко ниво на заштита од пушење, додека Грција и Бугарија обезбедуваат многу добра заштита. Во групата земји со солидна, но не и најстрога регулатива се вбројуваат Албанија, Косово, Србија и Црна Гора, додека Босна и Херцеговина останува со најслаба заштита.
Според предложените решенија, Македонија би вовела речиси целосна забрана за пушење во затворени простории, со ограничени исклучоци, што ја доближува до најстрогите европски практики. Предлог-законот предвидува и изедначување на третманот на електронските цигари со класичните тутунски производи, што е пракса веќе воспоставена во Словенија, Хрватска, Грција и Бугарија. Дополнително, Македонија и Словенија би биле единствени во регионот со забрана на вкусови и ароми кај тутунските и сродните производи.
Клековски нагласува дека предлог-законот оди чекор понатаму и во делот на рекламирањето, со целосна забрана која ги опфаќа и инфлуенсерите на социјалните мрежи, што ја става Македонија во групата земји со најстрога регулатива во овој сегмент. Единствено Словенија, засега, има воведено и таканаречено „plain packaging“, односно стандардизирано пакување без брендирани елементи.
Сепак, според директорот на ФЗО, клучниот предизвик останува спроведувањето на законите. Искуствата од регионот покажуваат дека контролата е најслаба надвор од големите урбани центри, во канцелариски простории и во угостителските објекти, особено во ноќните часови и во локали со жива музика, клубови и казина. Тој посочува дека земјите со медитеранска клима полесно ја применуваат забраната, поради поголемата употреба на отворени простори.
„Потребно е да учиме од туѓите искуства и да изградиме систем кој нема само добро напишани закони, туку и доследна примена, со што ќе обезбедиме подобра заштита на здравјето на граѓаните“, порачува Клековски, нагласувајќи дека предлог-законот претставува историска можност Македонија да се вброи меѓу лидерите во регионот во борбата против пушењето.
Извор: skopje1.mk






