Папата изрази загриженост поради тензиите меѓу САД и Куба и повика на дијалог

Папата Лав Четиринаесетти денеска изјави дека е „длабоко загрижен“ поради растечките тензии меѓу САД и Куба и повика на „искрен и ефикасен дијалог“ за да се спречи насилство и дополнително страдање на кубанскиот народ.

Како што наведува „Ватикан њуз“, папата рече дека добил извештаи за влошената ситуација меѓу Вашингтон и Хавана и се приклучи на апелот на кубанските бискупи за промовирање дијалог со цел да се избегнат нови жртви и страдања на цивилите. Папата Лав, како што се наведува, е загрижен поради актуелното заострување на односите и ја нагласи важноста на конструктивниот пристап кон конфликтните ситуации.

Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела најави воведување царини на увозот од земјите кои ја снабдуваат Куба со нафта, со што дополнително го зголеми притисокот врз Хавана, особено откако САД го соборија венецуелскиот претседател Николас Мадуро, долгогодишен сојузник на Куба.

Трамп тие мерки ги образложи како неопходни за заштита на националната безбедност и надворешните интереси на САД, а ја истакна и можноста за преговори за да се избегне хуманитарна криза.

Кубанскиот министер за надворешни работи прогласи „меѓународна вонредна состојба“ поради американското предупредување за царините, оценувајќи дека тие мерки претставуваат „невообичаена и исклучителна закана“.

Back to top button
Close