„Еко свест“ со отворено писмо до Мицкоски: Изградбата на „Бошков мост“ ја загрозува репродуктивната средина и опстанокот на балканскиот рис
Пред околу две недели, премиерот Мицкоски најави заживување на „можеби заборавените“ енергетски проекти, како хидроцентралите „Чебрен“, „Галиште“ и „Бошков Мост“ поради растот на потребите за струја.

Од Центарот посочуваат дека проектот е во спротивност со националните закони, меѓународните обврски и современите еколошки стандарди и претставува директен и сериозен ризик за интегритетот на Националниот парк Маврово.
Дополнително, тие истакнуваат дека проектот директно ја загрозува репродуктивната средина и опстанокот на балканскиот рис кој го има своето последно прибежиште на оваа локација.
„Република Македонија како потписник на Бернската конвенција има обврска да ги почитува препораките на Комитетот за зачувување на дивите видови и живеалишта. Во случајот со Маврово, Комитетот уште во 2015 година укажа дека изградбата на „Бошков мост“ директно ја загрозува репродуктивната средина и опстанокот на балканскиот рис, критично загрозен вид кој го има своето последно прибежиште токму на оваа локација“, велат во писмото.Исто така, Центарот смета дека, според студии на независни експерти, проектот е економски неоправдан.
„Бернскиот комитет во 2025 година констатираше дека не е постигнат значаен напредок во исполнувањето на препораките, вклучувајќи го и откажувањето на сите концесии и итното репрогласување на паркот согласно меѓународните стандарди. Студиите на независни експерти и меѓународните финансиски институции веќе покажаа дека овој проект е економски неоправдан. Трошоците за изградба, во споредба со минималното производство на електрична енергија и огромната штета врз екосистемот, го прават проектот чиста загуба“, додаваат од Центарот.
Тие до Владата испраќаат две конкретни барања:
Итно спроведување на препораките на Бернската конвенција и отфрлање на сите планови за хидроенергија во заштитените подрачја како и репрогласување на Националниот парк Маврово, кое ќе оневозможи идна деградација на паркот.
„Секое понатамошно одложување на репрогласувањето значи продолжување на деградацијата на Маврово и преземање свесен ризик за едно од највредните природни подрачја во државата. Почитуван претседателе на Владата, Ве повикуваме да покажете лидерство базирано на наука и јавен интерес, а не од застарени енергетски политики и идеи. Природата на Република Македонија не е ресурс за краткорочен профит, туку наследство кое сме должни да го зачуваме за идните генерации“, велат од Центарот.
Хидроцентралата е испланирана да биде изградена во близина на градот Дебар со цел да се искористи хидро-електричниот потенцијал на притоките кои ја сочинуваат реката Мала Река, а ќе вклучува и брана и резервоар во близина на селото Тресонче.





