Француската ЕДФ и јапонска фирма сакаат да го градат Чебрен, Владата размислува дали ќе биде партнер
Француската државна компанија за производство и продажба на електрична енергија „ЕДФ“ и уште една јапонска компанија се заинтересирани да го градат вечниот проект – реверзибилната хидроцентрала Чебрен.

Ова го потврди министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска одговарајќј на новинарско прашање во однос на планираниот рестарт на проектот Чебрен и Галиште, за кој премиерот Христијан Мицкоски најави дека разговарал со заинтересирани страни при посетите во Обединетите арапски емирати и на Светскиот економски форум во Давос.
Божиновска откри дека Владата се уште размислува и разгледува опции како да се финансира проектот иако лично се залага да го гради целосно државата наместо да се гради со јавно-приватно партнерство.
„Во следниот месец два ќе имаме повеќе информации, се работи за над 1 милијарда евра инвестиции. Ќе ги разгледаме можностите, знаете буџетот во каква кондиција е. Најдобро е да го градиме ние, но го знаете буџетот и делот за капитални инвестиции. Да, беше опција и со британскиот кредит да се гради, јас не се откажувам од идејата ние да го градиме самостојно, но ќе видиме каква е ситуацијата со буџетот, сепак немаме многу средства за капитални инвестиции. А овој проект ќе се гради од 7 до 10 години“, истакна Божиновска.
Министерката рече дека Владата ја контактирале јапонска фирма и француската ЕДФ кои сакаат да градат.
„На Влада сме разговарале како да се финансира, јас тоа го имам кажано, најдобро е да биде наш проект, но треба да одлучиме затоа што и другите министерства имаат проекти за реализација. Тој е најкапитален проект во земјата, но проекти има и во здравство и во транспорт инвестиции, треба да видиме што е најдобро и реално“, додаде таа.
Инаку, Мицкоски од Давос рече дека Македонија како држава не смее да биде нем набљудувач во годините што следуваат кога потребата од енергија во светот ќе расте, а за два и пол пати побргу ќе зголеми потребата од електрична енергија.
„И тука ние како Македонија, како држава, не смееме да бидеме нем набљудувач, туку треба да бидеме активен чинител и активен учесник и тука повторно ќе треба да ги рестартираме сите оние можеби заборавени енергетски проекти од минатото како што се ‘Чебрен’ и ‘Галиште’, ‘Бошков Мост’ и останатите, и да го понудиме потенцијалот за инвестиции во обновливи извори на енергија на голем број од инвеститорите коишто покажаа несомнен интерес во дискусиите после завршувањето на панелот“, рече Мицкоски





