ЗНМ бара итна реакција на институциите по заканите кон новинарот Видиновски

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) најостро ги осудува сериозните онлајн напади, навреди, омаловажувања и смртни закани упатени кон новинарот на Канал 5 Tелевизија, Александар Видиновски, по објавата на неговото видео на социјалните мрежи за непрописно паркираните возила на тротоарот пред објектот на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје.

 

Пораките со навредлива, шовинистичка и содржина која содржи омраза, како и директните закани по живот („смрт за вас“), претставуваат сериозно кршење на правото на слобода на изразување и директна закана по безбедноста на новинарот. Ваквите напади имаат за цел да извршат притисок и заплашување поради професионално известување за прашање од јавен интерес.

 

ЗНМ преку својот адвокатски тим му обезбеди правна помош на новинарот Александар Видиновски, и поднесе пријава до Министерството за внатрешни работи. Очекуваме надлежните институции итно да постапат, да ги идентификуваат сторителите и да обезбедат соодветна институционална реакција, согласно законските надлежности.

 

Потсетуваме дека новинарот Видиновски известувал за проблем од јавен интерес – непрописно паркирање на јавна површина, за кое реагираа и граѓани, а за кое став изнесе и Министерството за внатрешни работи. Новинарите не смеат да бидат мета на закани, навреди и говор на омраза поради својата професионална работа.

 

ЗНМ изразува целосна поддршка и солидарност со колегата Александар Видиновски и апелира до институциите ваквите случаи на онлајн насилство и говор на омраза кон новинарите да не остануваат неказнети.

 

Здружението ќе продолжи внимателно да го следи случајот и да ги користи сите расположливи механизми за заштита на новинарите и медиумските работници.

Back to top button
Close