Македонија одбележува 154 години од раѓањето на Гоце Делчев
Во земјава денеска се одбележуваат 154 години од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев.

Централното чествување по повод раѓањето на Делчев, традиционално ќе се одржи во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје, каде што, според најавите, цвеќе ќе положат премиерот Христијан Мицкоски, делегација на Собранието, делегација од Град Скопје, како и делегации на други институции, на партии, граѓански здруженија…
Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата.
Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО во 1896 година, а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија. На 4 мај во 1903 година бил убиен од турска војска во селото Баница, на пат кон Сер. Неговите посмртни останки од 1946 година се наоѓа во дворот на црквата „Св. Спас“ во Скопје.






