СДСМ обвинува дека случајот со петте тони марихуана во Србија води до врвот на власта во земјава, ВМРО-ДПМНЕ се закани со тужба

Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) и владејачката ВМРО-ДПМНЕ и денеска си разменија обвинувања во врска со откриените пет тони марихуана во Србија, која според истрагата на тамошните власти стигнала од Македонија.

Според социјалдемократите, молкот на надлежните во земјава во врска со случајот е потврда дека скандалот, како што го нарекуваат, води директно до самиот врв на власта.

„Нема ниту еден одговор, како толкава количина дрога имало во Македонија, како поминала граница, скенери, камери…? Молкот е јасна потврда дека скандалот оди до самиот врв на власта. Ваков криминал не може да се случи без поддршка, логистика и заштита од луѓе на високи позиции во власта. Уште колку вакви пратки, уште колку тони дрога вредна милиони евра ја поминале границата? Каде завршуваат огромните пари од шверцот на дрога и што се финансира со овие пари?“се наведува во соопштението од СДСМ.

Од опозициската партија велат дека со денови говорат оти постои поврзаност на криминални структури во Македонија и во Србија и го повикуваат Јавното обвинителство да спроведе целосна истрага за случајот со марихуаната, кој, како што наведуваат од „Бихаќка“, е потврда за нивните тврдења.

„Молкот мора да престане. Обвинителството мора да се разбуди, да спроведе целосна истрага и да лоцира одговорност за картелскиот скандал со пет тони дрога, без разлика кој на која функција се наоѓа. Нема бегање од одговорноста“велат од „Бихаќка“.

На нивните наводи реагираа од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, од каде што го повикаа нивниот политички опонент доколку има докази за вмешаност на лица од власта во случајот да ги достави до Јавното обвинителство. Во спротивно, се заканија со тужба против СДСМ.

 

„Навикнати сме на лаги, манипулации, шпекулации и ширење на невистини од нивна страна, но ова веќе ја прели чашата. Ги повикуваме доколку имаат било какви докази за некаква вмешаност на поединци од власта во случајот со 5 тони дрога веднаш да ги достават до ЈО, во спротивно ќе добијат тужба“се наведува во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.

Back to top button
Close