Врвниот виолинист Даниел Роуланд и 30 млади европски музичари со концерт на 10 февруари во Филхармонија

Февруарската концертна серија на Институтот FAME’S ќе биде отворена на 10 февруари во Камерната сала на Македонската филхармонија со концертот „Од студио до сцена“, под уметничко водство на реномираниот холандско-британски виолинист Даниел Роуланд. Концертот претставува кулминација на истоимената едукативна програма, во која учествуваат 30 внимателно селектирани млади музичари од Европа.

 

Проектот „Од студио до сцена“ е насочен кон едно од клучните прашања на современата оркестарска професија – како музиката се обликува, менува и добива значење низ различните фази на студиско снимање и концертна изведба. Во текот на повеќедневната интензивна работа, учесниците, под менторство на Даниел Роуланд, ги снимаат делата во професионалното студио на FAME’S, по што истата музика се пренесува на концертната сцена, каде добива нова енергија и комуникација со публиката.

Програмата на концертот е концептуално поврзана и драматуршки внимателно осмислена, обединувајќи дела кои истражуваат теми на загуба, трансформација, внатрешен немир и надеж. На програмата се наоѓаат „The American Four Seasons“ од Филип Глас, современо дело кое нуди нов поглед кон идејата за сезоните и времето, „Musica dolorosa“ од Петерис Васкс, интензивна и емотивна композиција посветена на сеќавањето и човечката болка, како и „Metamorphosen“ од Рихард Штраус, едно од најдлабоките оркестарски размислувања за промена и историска траума.

– „Оваа програма им овозможува на младите музичари да го разберат целиот пат на едно дело – од првата нота снимена во студио до моментот кога таа музика зазвучува пред публика. Делата што ги избравме бараат длабока концентрација, слушање и емотивна зрелост, што го прави овој процес исклучително значаен за нивниот професионален развој“, истакнува Од Насју Мапа, основачка на Институтот FAME’S.

Како уметнички ментор и солист, Даниел Роуланд внесува исклучителна интерпретативна длабочина и искуство во проектот. Неговиот препознатлив звук и музичка искреност му носат пофалби од водечките светски медиуми, кои го опишуваат како виолинист „кој звучи како никој друг“ (Gramophone) и уметник со „рафинирана финеса и моќна емоционалност“ (The Guardian). Неговата работа се одликува со силна поврзаност меѓу техничката прецизност и уметничката слобода – вредности кои се во сржта на едукативниот пристап на FAME’S.

Институтот „FAME’S“ е еден од водечките центри за оркестарски снимања и музичка едукација во Европа. Лоциран во Скопје, Македонија, институтот е посветен на создавање уникатни музички искуства преку едукативни програми, работилници и концерти кои инспирираат млади музичари од целиот свет. Нивните програми нудат можност за професионално усовршување во соработка со водечки уметници и диригенти, промовирајќи ја моќта на музиката како универзален јазик.

Даниел Роланд е еден од најистакнатите европски виолинисти и професор на Кралскиот колеџ за музика во Лондон. Неговата работа се одликува со длабок интерес за современиот репертоар, оркестарската интерпретација и едукативните формати кои ја поврзуваат студиската и сценската практика

Back to top button
Close