Фирми од Унгарија и Швајцарија чии газди се поврзуваат со Орбан ќе ја градат гасната централа од 450 милиони евра?!
По предлог на Министерството за енергетика на седница на Влада е донесе годишниот план за изградба на енергетски објекти за 2026 година.
Од вкупно 284 иницијативи се прифатени 67 иницијативи кои доколку се реализираат ќе имаат вкупно инсталирана моќност од 4.416 мегавати, а вкупната проценета инвестиција ќе биде 3,74 милијарди евра. Од овие 67 иницијативи, 59 се за изградба на фотоволтаици со проценета вредност од 2,11 милијарди евра, 7 иницијативи за ветерни паркови чија вредност е проценета на 1,2 милијарди евра.
Ќе се гради и една Когенеративна гасна централа со моќноат од 495 мегавати вредна 445.500.000 евра. Фирмата која аплицирала е „Статус Енерџи ДОО Скопје“ и таа ќе гради во вардарскиот регион.
„Јас сметам дека ова се сериозни инвеститори. Што се однесува до финансирањето, тоа зависи од нив, има и други чекори, ние ќе знаеме кој кога и како ќе гради. Ние ќе бараме банкарска гаранција која ќе биде 25.000 евра за 1 мегават и за 2-3 месеци ќе знаеме што точно и кој до каде е во процесот на добивање дозволи и започнување со градба“, истакна министерката за енергетика, Сања Божиновска.
Оваа фирма, иако е најавена, се уште не е регистрирана во Македонија, но неофицијално, таа ќе биде ќерка на унгарската компанија со исто име „Status Energy KFT“. Оваа фирма е унгарска компанија која се занимава со производство на енергија од необновливи извори, регистрирана во Будимпешта како инвестициско друштво во енергетскиот сектор и дел од структурата на „Status Energy Private Equity Fund“, пренесе Фокус.
Оваа фирма во 2019 година преку партнерство со швајцарската „MET Group“ влезе во сопственичката структура на „TIGÁZ Zrt“., најголемиот дистрибутер на природен гас во Унгарија.
Преку оваа трансакција, „Status Energy“ стекна индиректен удел од околу 49,6 проценти во TIGÁZ, додека оперативната контрола ја задржа „MET Group“. Во 2021 година, MET се повлече од проектот, а сопственоста премина на унгарската група „OPUS Global“, компанија контролирана од Лоринц Месарош, еден од најбогатите луѓе во Унгарија, бизнисмен близок до премиерот Виктор Орбан.
Извршен директор на Ststus Energy е д-р Габриела Гомбаи, која е близок соработник на Месарош.
…






