Ѓорѓиевски: За ЈП „Лајка“ обезбедени 30 милиони денари за проширување на капацитетите и создавање хумани услови за згрижување на бездомните кучиња

 

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски попладнево соопшти дека за ЈП „Лајка“ обезбедени се 30 милиони денари за проширување на капацитетите и создавање современи, хумани услови за згрижување на бездомните кучиња.

-Почитувани скопјани, ако во минатото ЈП „Лајка“ беше креирана за брзи партиски вработувања, од моето преземање на функцијата градоначалник на Скопје, таа авантура заврши. Предолго време проблемот со бездомните кучиња се туркаше под тепих, а последиците ги чувствуваа и скопјани и самите животни, оставени без заштита, без услови и без вистинска грижа. Започнуваме нов пристап, со визија и конкретни инвестиции. Во мојата програма е ставен огромен фокус за ова прашање и сакам да информирам дека за ЈП „Лајка“ се обезбедени 30 милиони денари за сериозно проширување на капацитетите и создавање современи, хумани услови за згрижување на бездомните кучиња, напиша Ѓорѓиевски на својот Фејсбук профил.

Како што посочува, ова е суштинска промена што конечно ќе донесе резултати.

-Оправдани се и забелешките на граѓаните. Со години гледавме како проблемот се зголемува, наместо да се решава. Токму затоа денес сериозно, одговорно и посветено пристапуваме кон негово трајно надминување. Истовремено, нема да дозволиме Скопје да биде депонија за туѓи проблеми. Прашањето за носење бездомни кучиња од други градови веќе е отворено и со надлежните институции, вели тој.

Според градоначалникот, со воведувањето на системот „Сејф Сити“, сите кои несовесно ги носат животните во главниот град ќе бидат откриени и санкционирани.

-Ред мора да има – и заради безбедноста на граѓаните, но и заради заштитата на самите животни. Апелирам до скопјани да бидат наш партнер во оваа борба. Секоја појава да се пријавува бидејќи само со заедничка акција можеме да воведеме ред и да изградиме систем што функционира. Многу брзо од денес започнуваме конкретна постапка за проширување на капацитетите на „Лајка“, со што ќе обезбедиме простор, грижа и достоинствен третман за бездомните кучиња. Тие се живи суштества кои заслужуваат заштита, храна, ветеринарна грижа и шанса за подобар живот. И затоа ве уверувам дека проблемот со бездомните кучиња ќе биде решен. Не со празни ветувања, туку со работа, инвестиции, ред и вистинска грижа, напиша градоначалникот Ѓорѓиевски.

Back to top button
Close